Скопје домаќин на претквалификации за кошаркарскиот Мундијал 2023


Кошаркарската федерација на Северна Македонија од 11 до 18 август, ќе го организира турнирот кој ќе ги одреди учесниците во квалификациите за Светското првенство 2023, одлучи ФИБА-Европа.

– Македонската кошаркарска федерација доби уште една потврда плус за својот организаторски потенцијал. Ја доби довербата од страна на Светската кошаркарска федерација да биде организатор на еден од претстојните турнири кои се дел од претквалификациите за пласман на Светскиот Куп 2023 година. Скопје ќе биде градот домаќин на таканаречениот „балон“ односно групата „Ф“ во која освен нашата, ќе играат уште и сениорските селекции на Швајцарија и на Словачка. Тоа е уште една одлична можност, од повеќе аспекти, за нашиот сениорски национален тим да исчекори кон главниот дел – место во мундијалските квалификации, соопшти КФСМ.

Македонската репрезентација на 12 август ќе игра против селекцијата на Швајцарија, два дена подоцна (14 август), ќе се сретне со Словачка, на 16 август следува средбата со Швајцарија, додека на 18 август е вториот меч со Словачка.

Согласно со пропозициите на ФИБА, првопласираните две репрезентации од овој турнир ќе бидат дел од главните квалификации за пласман на Мундобаскетот во 2023 година.