Скопје домаќин на Европското првенство во танци 2022


Од денеска до 5 јули во „Ист Гејт Мол“ и СЦ „Јане Сандански“ голем број танчери од 21 држава во Европа, ќе ја претстават својата земја на сцената во склоп на Европското првенство во танци 2022 (IDO European Hip-Hop & Boogie Championships). Организатори на Европското првенство се танцовите клубови „Eat the Beat“ и „Break-A-Leg“ од Скопје.

– Позади нас стојат стотина луѓе, кои се вклучени во организацијата. Навистина се работи за една сериозна организација на првенство, на коешто за 1.800 натпреварувачи, во тие четири натпреварувачки денови, до минута е одредена една саатница во којашто се натпреваруваат. Ова ќе биде една ексклузивна можност за сите од Македонија да уживаат во натпреварувањето и да гледаат едни врвни кореографи. И ако ние не можеме да патуваме надвор во Европа, Европа конечно може да дојде кај нас и Македонците да уживаат во одличните танцови перформанси, изјави на денешната прес-конференција организаторот на првенството.

 

– Многу е едноставно, – имате национални IDO членови, ги прават квалификациите дома, потоа ги селектираат најдобрите можни танчери во соло и дуо формации и групи, – и ги праќаат на Европското првенство во танци. Секако, ги нема сите земји и места, доста е лимитирано, па затоа е голем престиж да се дојде во Скопје во Македонија и да се биде дел од ова прекрасно Европско првенство, бидејќи само најдобрите танчери од европските земји можат да бидат дел од сето ова. Како претставници на IDO, многу ни е драго што конечно сме тука и што Скопје е гостин на ова првенство, бидејќи отсекогаш имало супер танчери кои носеле европски и светски титули дома. Затоа, чест ни е што сме тука, а вие имате сѐ како земја. За нас ова претставува нов дел од светот којшто треба да го видиме, да уживаме во него и сигурна сум дека ќе се вратиме повторно овде, рече Фиона Џонсон, спортски директор на IDO.

– Би сакал да ги поздравам моите драги Македонци и пред сѐ Трајче Петковски и да им честитам што донесоа ваков феноменален настан овде во Скопје во Македонија, како и што му направија една голема услуга на целиот регион, бидејќи по правило навикнавме да патуваме и во Австрија и во Данска и во Шведска и на други места. Сега овде во центарот на Источна Европа е донесен еден одличен натпревар со скоро 2000 натпреварувачи од 21 земја, кое е нешто најдобро кога се работи за хип-хоп, буги, попинг, ќе бидат токму овде во Скопје и треба да сте горди на овие прекрасни луѓе. Ние ќе уживаме во феноменалното добредојде кое се чувствува на секој чекор. Големо е задоволството да се биде тука и се надевам дека ќе дојдете во голем број во халата во СЦ Јане Сандански со цел заедно да го проследиме ова натпреварување, изјави Предраг Катаниќ, модератор на првенството.

Европското првенство во танци 2022 има за цел да понуди препознатливи настани како места за меѓусебно запознавање и поврзување на уметниците, како и да се воспостават корените на модерна платформа, којашто би ги поддржала младите, кои сакаат да се изразат на поинаков начин, но и да се едуцираат користејќи свој личен потпис и танцови движења, славејќи го танцот како најуниверзалниот јазик во светот за споделување на културите од целиот свет.