Скопје бара поддршка за ЕУ, Софија условува со историски прашања

Северна Македонија очекува поддршка, а не блокада од Бугарија за ЕУ.  Сака да продолжи да гради добри односи со соседите и да се решат отворените прашања. Софија е за евроинтергација на Скопје, но смета дека пред отворање на пристапните преговори терба да се надминат недоразбирањата за историските прашања.

Овие пораки беа испратени од вчерашните средби во Софија на шефот на македонската дипломатија Бујар Османи со премиерот на Бугарија Бојко Борисов и со неговата колешка бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева.

Борисов за време на средбата со министерот Османи  изрази надеж дека Република Северна Македонија ќе ги добие потребните гаранции од Софија и дека ќе се движи на патот за пристапување во Европската унија,, но нагласи, неопходните компромиси мора да се направат што ќе ги задоволат сите, и тоа до 10 ноември кога Бугарија и Северна Македонија ќе копретседаваат со Самитот на Берлинскиот процес.

– Уште со денешните средби треба да започнат разговорите на сите нивоа, Имате многу работа да направите, ова е многу сложен, многу брз и истовремено важен и неопходен процес,изјави Борисов.

Според него, македонските граѓани треба да знаат дека во Бугарија имаат и секогаш имале најголема поддршка.

– Треба само да ја направиме историјата мост на пријателството и блискост, а не урнат мост преку кој Република Северна Македонија не може да помине. Значи тука не треба да има политички игри. Перспективата и моментот е толку важен во германското претседателство да се почне процедурата, меѓувладината седница. Според мене, ќе биде грев пред историјата ако сегашните политички раководства во Бугарија и Северна Македонија не најдат компромис. И нема да не сфати ниту светот, рече Борисов на средбата со Османи на која присуствуваше и Захариева.

Таа, пак, на заедничката прес-конференција со Османи истакна дека Бугарија прва ја призна независноста на Република Македонија, одамна ги препознала модерните политички реалности и  секогаш ги поддржувала нејзината независност и државниот суверенитет, но, сега е, вели, потребно Скопје да ги признае историските реалности поврзани со процесот на создавање на новиот национален идентитет. Бугарија, според Захариева, не сака ништо повеќе од исполнување на клаузулите во Договорот за добрососедство, како што е јазичната клаузула.

Шефот на македонската дипломатија Османи на прес-конференцијата со Захариева изјави дека следните месеци имаме задача и посветеност да продолжиме заедно да ја градиме европската иднина на нашиот регион.

-Имаме обврска да го искористиме германското претседателство за проширување на ЕУ. За да се постигне оваа цел, подготвени сме да работиме заедно со Република Бугарија и да очекуваме поддршка од Софија, рече Османи.

Со Захариева, нагласи, разговарале отворено за сите прашања за интензивирање на соработката и контактите, вклучувајќи ја и работата на Заедничката комисија за историски прашања чија улога во никој случај не е лесна, но е од суштинско значење и станала лакмусов тест за европската ера на односите меѓу двете земји.

-Имаме договор, имаме волја за пријателство меѓу двете држави за меѓусебна поддршка. Бугарија има дадено поддршка за евроатлантската интеграција за Република Северна Македонија. Ние имаме обврска да дадеме резултати и да ги расветлиме сите дилеми кои, како што реков, иако сега го гледаме тоа како хендикеп за брзо ќе видиме дека е додадена вредност во нашите односи, рече Османи.

Запрашан во однос на динамиката на работа на Заедничката комисија за историски прашања, Османи посочи дека од формирањето до денес Комисијата има одржано девет средби и постигнале консензус во однос на две историски епохи и пет историски личности. Тој очекува Комисијата да ја интензивира работата.

-Имаше објективни причини заради кои имаше забавување на работата и поради пандемијата и поради изборите. Сега е време да се интензивира работата. Задоволен сум што тие утврдија и термин и дневен ред за наредната средба на 15 и 16,  следната недела, и очекуваме дека ќе произведат сериозни резултати кои ќе бидат додадена вредност во нашите односи, рече Османи.

Според Захариева, до ноември има уште време Комисијата да испорача резултати.

-Во моментов екипите и во ЕК и од сите држави работат на заклучоците и тоа што и јас и Османи го кажавме е многу слично, а тоа е да  го надминеме тоа што беше запрено и да постигнеме напредок кој е возможен само  ако имаме искрен пристап во нашите односи, вели Захариева според која нема политички притисок врз работата на Комисијата.

Германското претседателство со ЕУ и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји деновиве изразија оптимизам дека двете земји ќе најдат решение за недоразбирањата и дека првата меѓувладина конференција ќе се одржи според планираното до крајот на преседавањето на Берлин со Советот на ЕУ.

-Во интерес е и на Бугарија и на Северна Македонија да најдат решение за прашањата кои предизвикуваат недоразбирања. Без да се разјаснат ќе биде многу тешко работите да се придвижат напред. Ова е моментот за да се постигне договор. Гледам посветеност од страна на Заев и на Борисов и се надевам дека ќе успеат да изнајдат решение и колку што знам тие работат на тоа. Ќе направиме се што можеме доколку можеме да помогнеме во процесот. Да се изнајде решение не е невозможно. Не би драматизирал премногу околу прашањето, но сепак е сериозно прашање, рече Вархеји при посетата на Скопје во рамки на неговата балканска турнеја по земјите кои се во процес на евроинтеграција.

Посетата на Османи на Софија е претходница на средбата на премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов што треба да се случи пред 10 ноември, односно пред одржувањето на Берлинскиот процес. Следната недела, на 15 и 16 октомври во Скопје, ќе ја продолжи работата и Заедничката македонско-бугарска историска комисија, по пауза од една година.