Скопјани тешко дека есенва ќе се возат со нови или редовни автобуси

Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје не може да добие официјален возен ред, одобрен од советниците во Град Скопје, а не пак нови или дополнителни автобуси.
На денешната, една од последните, седници на Советот на Град Скопје, повторно не беше изгласан возниот ред кој би соодветствувал на реалната слика на терен, па скопјани да знаат кога да очекуваат автобус. Тој возен ред предвидува редуцирање на некои подалечни линии, за да се надополнат оние, каде има поголема фреквенција на патници.
Неколкумина од советниците, како и самата градоначалничка Данела Арсовска, убедени се дека Скопје скоро нема да добие нови автобуси. Последниот тендер, распишан од централната власт, пропадна, затоа што се пријавил само еден понудувач (кинески производител). Како причина за тоа што Скопје нема наскоро да добие нови автобуси ги наведуваат условите во тендерот, а тоа е најповолна понуда, односно наjевтини автобуси. Такви нудат само кинески производители, за кои пак, исто како оние набавени во времето на градоначалникот Коце Трајановски, нема делови.
„Заедно со колегата Тони Бојковски од Советот на Град Скопје направивме посета во ова јавно претпријатие, и она што го видовме навистина не запрепасти. Повеќе од 200 расипани автобуси стојат подолго време на паркинзите на ова јавно претпријатие и покрај тоа што во ова јавно претпријатие се случува тотален хаос“, рече Кирков, советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Кирков смета дека ова јавно претпријатие работи недомаќински и ги повика институциите да направат целосна ревизија со цел да се утврди кој е причинител за ваквата катастрофална ситуација на ова ЈСП.
„Оттука се прашувам иако сѐ е изгласано од страна на советниците, ова јавно претпријатие апсолутно во последниве три и пол години работи недомаќински, и јас алармирам од оваа позиција овдека ги повикувам сите јавни и државни институции да направат целосно ревизија и да се утврди одговорноста кој допринесе до ова јавно претпријатие да се наоѓа во ваква ситуација. Скопјани треба да бидат мирни јавниот превоз и целиот град Скопје ќе доживее една поубава слика“, заклучи Кирков.
Градоначалничката Арсовска, која денеска ги удостои советниците со своето присуство, реплицирајќи на Кирков од ВМРО-ДПМНЕ кој го критикуваа јавното претпријатие дека не ги поправа расипаните автобуси, рече дека нивните кадри направиле такви услови на тогашниот тендер, знаејќи дека за тие автобуси по неколку години ќе нема резервни делови.
Таа ги повика советниците од ВМРО-ДПМНЕ да одговорат зошто не гласаа одлука за набавка на нови автобуси, како и зошто ветија нови автобуси до мај, а од тогаш нема ништо.
Ги потсети и дека ја обвинувале власта на СДСМ дека не платила студентски превоз во висина од 8 милиони евра, но „веќе две години сте власт, зошто не ги плативте?“
– Ништо нема да направите со тоа претпријатие кога ќе дојдете на власт. Само ќе направите тендер за дупло поскапи автобуси отколку што чинат на пазаров. Нешто коешто, место тука во советов сите советници да ги изберат условите ќе ги бирате позади затворени врати. Како што претходно зборувавте дека некој имал класифицирани договори, па сега дојдовте на власт, па и вие правите класифицирани договори – обвини Арсовска.
Гордан Шутаров од СДСМ пак, се извини на граѓаните, што сите заедно не успеале да им овозможат достоинствен превоз на скопјани, иако, нивната пратеничка група редовно ги гласа овие измени на возниот ред.
За неколку дена почнува учебната година. Скопјани, мака ќе мачат со превоз.
Во вториот квартал пад од 6,3 проценти на патниците со автобус на годишно ниво
Во вториот квартал годинава во патничкиот патен превоз превезени се 10 007 000 патници, што е намалување за 6.3 проценти во однос на истиот квартал лани, објави денеска Државниот завод за статистика.
Најголемо намалување од 27,7 проценти има во меѓународниот превоз, по што следуваат градскиот превоз со пад од 10,6 проценти, меѓуградскиот со 5,2 проценти, како и приградскиот 3,5 проценти.
Вкупниот број на патничките километри во втоорто тримесечие од годинава е 256.889.000 и е зголемен за 19,3 проценти во однос на истиот период од претходната година. Во градскиот превоз е зголемен за 35,4 проценти, во приградскиот превоз за 9,1 процент, во меѓународниот за 32,5 проценти, а намалување од 0,2 проценти е регистрирано во меѓуградскиот превоз.