Скопјани се жалат на загаден воздух, медицински лица велат заштитни маски не се решение


Загадено Скопје (Фото: Б. Грданоски)

Скопје деновиве повторно е на листите на најзагадени градови во светот. Воздухот е загаден и во други градови, а граѓаните апелираат надлежните да преземат соодветни мерки.

Попладнево на листата на IQAir Скопје е на 23 место а според нивните мерења се оценува дека воздухот не е доволно здрав за чуствителни категории граѓани.

Вчера изутрина главниопт град се најде меѓу првите десет најзагадени градови во светот. Според листата на IQAir воздухот е опасен за дишење, а индексот на загаденост е 153. На листата на IQAir , Скопје беше рангиран како шестти најзагаден град во светот по Лахор во Пакистан, Њу Делхи во Индија, Багдад во Ирак, Техеран во Иран и Ташкент во Узбекистан.

Доктор Лилија Чолакова Дервишова, претседател на Здружение на приватни лекари, во изјава за МИА рече дека секоја година е исто, а луѓето мора да одат на работа, да се движат. Според неа, воздухот е загаден поради зголемениот број возила и густо населените места, а индустриските објекти треба да бидат подалеку од населените места. Заштитните маски не можат многу да помогнат кога е во прашање загадениот воздухот. 

-Системски е проблемот. Значи, државата мора прво да ги растерети големите градови. Мора да има децентрализација на главни институции, амбасади, не може сѐ да е во Скопје. Сите бараат добри плати, се селат во Скопје, но, едноставно, Скопје се гуши, вели таа.

Незадоволните граѓани покрај загадениот воздух, се жалат и на непочитување на мерките во некои ресторани и кафеани, каде е дозволено да се пуши во затворено, па велат дека нивното здравје дополнително се влошува.

Министерот за животна средина Изет Меџити пред неколку дена изјави дека загадувањето е комплексно прашање кое не може да се реши со една мерка, туку со повеќе мерки.

-Со комплексот на мерки кои ги преземаме полека, но сигурно ќе влијаеме да има почист воздух и почиста животна средина, порача Меџити.