Скок на цените: Унгарците одат преку граница за да полнат поевтин бензин

Владата на премиерот Виктор Орбан се соочува со најтешкиот економски предизвик досега, со инфлација над 24% и економија која се движи кон стагнација оваа година


 

Цените на бензините во Унгарија пораснаа откако владата го укина ограничувањето на цената на горивото и ги зголеми акцизите во декември, што поттикна многу возачи да полнат поевтино гориво во соседните земји како Словачка или Романија, пишува Ројтерс.

Преку Дунав на локалната бензинска пумпа во Штурово, Словачка, за време на викендот дизелот чинеше 1.619 евра за литар, а на пумпата на МОЛ во унгарскиот град Естергом 690 форинти (1,69 евра). Кај бензините разликата во цената беше помала.

„Патувавме низ Словачка за време на празниците и кога го наполнивме резервоарот видовме колку е поевтино овде“, вели Тибор Тот, кој оди преку мостот што ги поврзува Ештергом и Штурово за да го наполни својот резервоар.

„Ние само треба да го поминеме мостот и тука сме, така што очигледно ќе доаѓаме почесто за тоа“, додава тој.

Реизбран по четврти последователен мандат во април 2022 година, премиерот Виктор Орбан се соочува со најтешкиот економски предизвик досега, со инфлација над 24% и економија која се движи кон стагнација оваа година.

Неговата влада беше принудена да го укине едногодишното ограничување на малопродажните цени на горивата за домаќинствата поради големиот недостиг на почетокот на декември.

Во исто време, владата ја зголеми акцизата на горивото и воведе дополнителни даноци за добивката на нафтената и гасната компанија МОЛ од продажбата на руската нафта.

Цените на горивата во Унгарија се повисоки од другите места во регионот, делумно поради повисоките даноци, но и поради тоа што ограничувањето на цената го наруши слободниот пазар на гориво, намалувајќи ја конкуренцијата, според Тамаш Плецер, аналитичар во Ерсте инвестмент.

Фирмите престанаа да увезуваат гориво поради ниските цени минатата година со што се продлабочи недостигот, додека многу помали бензински пумпи беа принудени да затворат поради зголемените загуби.

„Сè на сè, тие го зголемија данокот за околу 70-80 форинти по литар, што ги подигна унгарските цени над нивото во соседните земји“, рече Плецер.

Владата не одговори на е-пошта со прашања од Ројтерс. Агенцијата појаснува дека не може самостојно да го процени обемот на прекуграничната набавка на бензин.