Ски-центарот Попова Шапка развојот ќе го бара преку јавно приватно парнерство


Јавно приватно партнерство е моделот за кој најверојатно ќе се одлучи Владата, за развој на ски-центарот Попова Шапка. Ова денес го најави министерот за економија Крешник Бектеши кој заедно со новиот директор на Елем турс Адем Авзиу се упатија во познатиот зимски туристички центар да го промовираат пуштањето во работа шестосед-жичницата „Лајтнер“ оваа сезона. Инаку, современата жичница беше пуштена во употреба уште на 26 февруари минатата година во присуство на целиот тогашен државен врв, а годинава проработе на крајот на јануари. Нејзиното користење на првиот ден беше бесплатно за посетителите.   

„Имаме развиени модели преку јавно приватно партнерство каде што Владата не учествува со средства, но дава придонес во делот на многу важни документи кои се предуслов за секаква инвестиција. Без физибилити студија, без идеен проект, без дју дилиџенс никаде во светот не може да почне некаква си реализација. Ние веќе сме ги завршиле за Попова Шапка што значи дека сега комисијата ќе одреди кој модел ќе го користиме, дали ќе биде потполна приватизација, дали ќе биде јавно приватно партнерство или, пак, ќе биде комбиниран модел. Имајќи во предвид дека во сопственост на ЕЛЕМ Турс се и хотелите, но истовремено и ски центарот, најверојатно ќе одиме со јавно приватно партнерство како модел што и во други држави давал соодветни резултати“, рече Бектеши одговајќи на новинарско прашање.

Согласно Стратегијата за развој на туризмот во Северна Македонија, прецизира, ќе се формира комисија каде што ќе бидат вклучени невладините организации, но и различни институции од Владата и од компаниите кои се како акционерски друштва 100 отсто во сопственост на Владата како што е случајот со ЕСМ.

„Веќе се доставени номинациите од соодветните институции и наскоро ќе почне да работи комисијата. Секако дека ние имаме можност, имаме средства и директно да инвестираме како Влада се со цел да ги подобриме условите и на таков начин да привлекуваме што повеќе туристи во овој многу важен ски центар не само за Северна Македонија туку и за целиот регион“, посочи Бектеши.

Тој додаде дека шестоседот е инвестиција од Владата на индиректен начин, имајќи предвид дека АД ЕСМ е во 100 отсто сопственост на Владата.

„Како Влада сме повеќе од заинтересирани да определиме средства во иднина за развој на ски-центарот Попова Шапка, имајќи во предвид дека веќе сме направиле такви инвестиции и дека ЕЛЕМ Турс има одлично искуство во реализација на вакви инвестиции“, рече Бектеши.

Инаку, според најавите од ЕЛЕМ Турс кој стопанисува со скијачкиот центар, шестоседната жичница ќе работи редовно, како и останатите ски-лифтови и жичници од 9 до 15:30 часот. Цената за едно возење на шестоседната жичница од утре е 150 денари, а за сите билети во Ски-центарот се наплаќа повратна кауција во висина од 200 денари.

Должината на трасата на жичницата е 1.510 метри, со максимален капацитет за транспорт од 2.400 скијачи на час. Шестоседната жичница е позиционирана на локацијата од Мал Јелак до врвот на ски-лифтот Ајдучка Рамнина (поранешно Ге). По трасата на новата жичница ќе се овозможат нови ски-патеки во должина од над три километри, велат од „ЕЛЕМ Турс“.

Бектеши рече дека веќе се подготвени неколку проекти од страна на ЕЛЕМ Турс за кои Владата ќе се заложи да ги имплементира во функција на подобрување на условите на Попова Шапка и на давање можност граѓаните што повеќе да го посетуваат овој зимски центар.

Директорот на ЕЛЕМ Турс Адем Авзиу посочи дека имаат добри идеи и планови како да го средат ски центарот да биде добар и да изгледа светски и додаде дека  му е драго што имаат поддршка од страна на министерот и од Владата за идните инвестиции што веќе ги имаат испланирано.

„За оваа сезона планираме да инвестираме во делот на јавните тоалети во ски центарот и ќе се обидеме да ги одржиме во кондиција актуелните ски лифтови, но и да ги поправиме условите за да бидат во функција цела сезона. Таму каде што ќе имаме потреба да направиме нови инвестиции веќе имаме планови, имаме стратегија, имаме физибилити и во зависност од средствата што ги имаме на располагање ќе продолжиме со реализација на проектите“, рече Авзиу.

Во одговор на прашање посочи дека за проблемот со паркирање на возилата во зимскиот центар пред два дена имал состанок со градоначалничката на Општина Тетово и со началникот на СВР Тетово.

„Се договоривме да ги одржуваме што е можно повеќе паркинзите што ни се на располагање, големиот паркинг долу, паркингот од х. „Попова Шапка“, како и да се чистат патиштата за да може да се паркира уште еден ред на возила. Ги повикувам луѓето да се паркираат и паркингот што е над х. „Славија“ кој е подготвен и чист. Повеќето од луѓето избегнуваат да се паркираат на тој паркинг горе, што има капацитет од минимум 300 коли возила, но со негово користење ќе се подобри ситуацијата. Исто така, се договоривме со градоначалничката и со началникот на СВР Тетово патот од влезот на ски центарот што води накај викенд-куќичките да биде еднонасочен за време на сезона да не се создаваат гужви и колони“, потенцира Авзиу.