Скапо возење „од нигде до никаде“ – „Њујорк тајмс“ за црногорскиот автопат со кинески кредит


Црногорскиот лидер вели дека речиси 1 милијарда американски долари за автопат изграден од Кина, одобрен од неговиот претходник, ги влоши финансиите на земјата, пишува угледниот весник

 

Еден од најскапите патишта во светот, по планините и клисурите низ кои минува, завршува во калливо поле во село со дваесетина куќи, од кои многу се празни.
Вака, познатиот „Њујорк тајмс“ го опишува делот од автопатот Бар-Бољаре во текст во кој се нарекува пат „од нигде до никаде“.

Мирка Аџиќ, која живее во Матешево, изјави за „Њујорк тајмс“ дека е воодушевена што модерен брз пат наскоро ќе биде толку блиску до нејзиниот дом, бидејќи ќе ја поштеди да оди по опасниот планински пат, кој сега е единствената опција.

Патот, изграден од Кинезите, треба да се отвори во ноември, две години по истекот на рокот, а чини речиси милијарда по шест години работа.

„Њујорк тајмс“ наведува дека ова се причините зошто Мирка, која се бори да го издржува семејството со плата од сопругот, кој работи како возач во кинеската компанија ЦРБЦ, која го гради патот, прашува како една од најсиромашните земји во Европа одлучила да инвестира толку многу пари во огромен инженерски проект.

Црна Гора сега ѝ должи на Кина повеќе од една третина од нејзиниот годишен буџет, пишува весникот.

„Њујорк тајмс“ додава дека со Мирка се согласува и премиерот Здравко Кривокапиќ, кој го опиша автопатот како мегаломански проект кој оди „од нигде до никаде“ и кој ги затегна државните финансии.

Исто така, се наведува дека Кина го славеше проектот за автопат како ран триумф на иницијативата „Појас и пат“ и дека ги спои амбициите на Кина и Мило Ѓукановиќ, кој беше премиер кога започнаа работите.

Сега, кога партијата на Ѓукановиќ веќе не е на власт, за прв пат по 30 години, автопатот стана громобран за обвинувања за расипништво и надуени амбиции кои не се во согласност со економската реалност.

„Се уште немам докази, но сето ова укажува на корупција. Од економска страна, автопатот веројатно е непрофитабилен“, рече Кривокапиќ за „Њујорк тајмс“.

Првичните планови беа Црна Гора да стане регионална транспортна точка и да се поттикне развојот на северниот дел на Црна Гора, но бидејќи нема пари за продолжување на работите, се отвора простор за шпекулации за вистинските цели на Кина на Балканот и за мотивите на претходната влада за започнување на таков проект.

Вицепремиерот Дритан Абазовиќ за „Њујорк тајмс“ изјави дека нема ништо против Кина, но дека ја доведува во прашање мудроста да се земе огромен заем од Кина за да ангажира кинеска компанија да донесе кинески работници и да ги врати сите пари во Кина.

„Тие направија неверојатен договор во интерес на Кина. За нашата страна, тоа е катастрофа “, го цитира „Њујорк тајмс“ Абазовиќ, потсетувајќи дека побарал помош од Европската унија за рефинансирање на заемот.

Ѓукановиќ ги отфрла жалбите на новата влада, нарекувајќи ги „политичка врева“ и инсистираше во интервјуто дека Кина не е заинтересирана да се меша во црногорските работи.

„Њујорк тајмс“ исто така потсетува дека Ѓукановиќ го поддржа Слободан Милошевиќ, а потоа се поврза со богатите инвеститори од Русија, вклучително и тајкуни блиски до Кремљ, а потоа се сврте кон Соединетите држави, кои низ прсти погледнаа на неговото минато за Црна Гора да влезе во НАТО, и потоа се сврте кон Кина, која понуди заеми што ниту американските, ниту европските банки не ги сметаа за мудри.

Ѓукановиќ, исто така, гледа на ситуацијата околу автопатот како руска шема за да се оствари влијание во Црна Гора, а „Њујорк тајмс“ потсетува дека проруските пратеници во Парламентот не се дел од новата влада, туку дека најмногу ја поддржуваат поради непријателството кон Ѓукановиќ.

„Со нападот врз кинескиот автопат, наведува Ѓукановиќ, парламентарците им помагаат на амбициите на Русија да го запре проширувањето на НАТО и Европската унија во регионот“, се додава во текстот.

Весникот, исто така, наведува дека Ѓукановиќ ја сменил својата лојалност неколку пати, и со тоа придонесува за ниското ниво на доверба во Црна Гора, особено бидејќи Владата го држела целиот проект под превез на тајност.

„Понекогаш изгледа дека тие градат ракетна база, а не пат“, вели Дејан Миловац од невладината Мрежа за афирмација, цитиран од „Њујорк тајмс“.

Договорот покажа дека Ексим банка може да го преземе имотот, како во Шри Ланка каде го презеде главното пристаниште, но сите други документи беа означени како тајни, се додава.

„Њујорк тајмс“ исто така потсетува дека американскиот гигант Бехтел бил заинтересиран за проектот, но дека бил поскромен и поевтин.

Роберт Гелбард, пратеник на Бил Клинтон за Балканот, се сеќава дека го советувал Ѓукановиќ да биде внимателен со кинеските компании и му рекол дека Полска го раскинала договорот за изградба на автопатот со кинеска компанија и ја тужела компанијата за неквалитетна работа.

Ѓукановиќ вели дека ЦРБЦ едноставно ја поднела најдобрата понуда, додека кинеската компанија одбила да го стави на располагање персоналот за интервју, а канцеларијата во Пекинг не одговорила на прашањата на „Њујорк тајмс“.

Финансирањето на патот предизвика повеќе главоболки – беше во долари, што ја направи Црна Гора подложна на движења на берзите, а каматната стапка е два проценти, што е многу повеќе од она што се наплатува во Европа за инфраструктурни заеми.

„Тоа беше ужасен договор, очигледно“, изјави Милојко Шпајиќ, министер за финансии и социјална заштита.

Иако студијата од 2012 година на британска компанија предвидуваше невообичаено високи трошоци поради теренот, тие исто така беа значително помали од 900 -те милиони што ги наплати ЦРБЦ.

Претходната физибилити студија од 2008 година покажа дека автопатот нема да биде доволно прометен за да ја оправда инвестицијата, туку дека треба да се земат предвид и социјалните, политичките и економските фактори.

Речиси 280 милиони американски долари, повеќе од половина од парите што беа наменети за локалните подизведувачи, отидоа во компанијата Бемакс, која формално е во сопственост на поранешен сопственик на кафуле, која немаше инженерско искуство пред да започне со изградба на патишта.

Претседателот на Движењето за промени, Небојша Медојевиќ, тврди дека вистински сопственик на Бемакс е Милан Рочен, првиот советник на Ѓукановиќ и поранешен амбасадор во Москва.

Ѓукановиќ го негира ова и вели дека го прашал неговиот советник и дека Рочен го убедил дека тие тврдења се лажни. Рочен, исто така, категорично негираше дека е сопственик на Бемакс, се наведува во текстот.

„Се шегувавме за тоа. Тоа е само шпекулација на политичките противници“, изјави Ѓукановиќ и додаде дека обвинувањата за корупција „немаат никаква врска со реалноста во овој случај“.

Новата влада би сакала да ја заврши целата должина на патот, по можност со средства од Европа, наместо од Кина.

Дел од кинеските работници веќе заминаа, а некои работници се скептични дека патот некогаш ќе биде завршен.

„Црна Гора е премногу сиромашна. Немаат доволно пари за да продолжат“, изјави Шен Веи, кој работи на изградбата на автопатот, пишува „Њујорк тајмс“.