Скапа борба со криминалот


ФРОСИНА ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ 

Првата прес-конференција на новоформираното Специјално јавно обвинителство ја одржа обвинителката Ленче Ристоска во една малечка соба во зградата кај студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“, каде што првично беа сместени. И во такви „партизански“ услови, оваа институција имаше многу поголема поддршка и работеше многу потранспарентно отколку кога им беа обезбедени сите услови и кога се сместија во зградата на „Рузвелтова“.

Дека во СЈО се земаа високи плати, се зборуваше уште на почетокот. Поголемиот дел од јавноста го одобруваше тоа и нивните плати не беа главен предмет на интерес, со оглед на тоа дека оваа институција беше дочекана со огромна надеж дека криминалците ќе ги стави во затвор и парите ќе ги врати кај граѓаните. Не треба да се заборави дека обвинителите и истражителите и сите други вработени почнаа со борбата уште кога тогашната власт не беше урната и дека требаше да се бори со осомничени кои во тој период беа недопирливи, со поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков и со бизнисменот Орце Камчев.

Обвинителите и сите други вработени сигурно се плашеле за својата безбедност, а на ризик ги ставиле и своите семејства. Многу логично и нормално е дека никој не би се согласил на ваква неизвесна борба за беспари, во услови кога еден од нивните клучни сведоци, Коста Крпач, беше најден мртов во својот стан. Според неофицијалните информации што се објавуваа тогаш, Крпач и други сведоци биле следени и врз нив се вршел притисок и им се нуделе спогодби.

Најверојатно еден од предизвиците на обвинителите биле и високите плати кои никогаш не можеа да ги добијат во основните обвинителства, ниту пак во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Први за платите и парите што беа давани за СЈО се бунеа обвинителите од другите обвинителства кои мораше да работат со многу помалку пари и ресурси. Тие немаа помошници и се жалеа дека кај нив дури немало ни тоалетна хартија. Трошоците и платите во СЈО станаа проблем кога сите партии, но и самата специјална јавна обвинителка почнаа да ја „закопуваат“ институцијата. Гневот во јавноста растеше бидејќи речиси никој од поранешните функционери не заврши во затвор и бројчаникот никогаш не се заврти, додека граѓаните работат по цел ден за истите мизерни плати.

Специјалната јавна обвинителка никогаш не ја кажа својата плата, најверојатно бидејќи не ја оправда, ниту парите, ниту пак зошто во институцијата, која беше симбол за борба против криминал и корупција, вработила свои блиски роднини. Нејзиното притворање ѝ е добредојдено на опозицијата која наголемо манипулира со бројките и платите кои се земале во СЈО. Сега таму нема ниту кој да ги потврди, ниту да ги демантира овие информации и секојдневните повторувања стануваат вистина.

Борбата против криминалот секако дека не е евтина и треба да се вложуваат пари, но политиката кај нас може да ги уништи сите ресурси со кои располагаше СЈО, затоа што очигледно, ниту на власта, а уште помалку на опозицијата не им одговара да има силно обвинителство.

Сепак, никој не може да ги оспори новиот систем и начин на работа кој го воспостави Специјалното јавно обвинителство и тоа што барем Мијалков, Груевски и Камчев ги симна на земја, иако не ги уништи до крај. Сега кога веќе СЈО и официјално не постои, власта треба сите ресурси и цел систем да ги префрли во редовното Јавно обвинителство, односно во Обвинителството за гонење на организиран криминал. Да се спои најдоброто од двете институции и да се истера борбата против криминалот до крај.