Скано: Импресиониран сум од лекарите, сите треба да извлечеме поука од новиот бран инфекции


Она што го гледаме сега во Македонија е загрижувачко. Поуката која треба да ја извлечеме е дека се додека не се пронајде вакцина за Ковид-19 треба да се придржуваме на мерките. Вирусот нема брзо да си замине, тој коси животи – рече советникот на регионалниот  директор за Европа на СЗО, на денешната заедничка прес-конференција со министерот за здравство, Венко Филипче.

„Одговорот на државата беше силен и навремен. Импресионирам сум од лекарите, медицинскиот персонал. Конкретно, заштитните мерки почнаа уште пред да се појави првиот случај на Ковид-19 во Македонија“, рече Скано.

Агилниот одговор со пренамена на медицинските институции обезбеди доволно места за згрижување на болните, а мерките спречија ширење на болеста во старечките домови, што беше огромен проблем во други земји, смета тој.

Севeрна Македонија до неодамна беше еден од најдобрите примери за справување со болести, додава Скано.

„Препорачуваме до Владата да се тестира, да се следи и изолира“, рече Скано. „Сите кои се болни треба да се самоизолираат“.

Тој препорача ова да го менаџираат и локалните власти, а да се спречи групирање на луѓе.

„Секој поединец има обврска да помогне да се најдат сите позитивни случаи“, рече Скано, а додаде дека треба да миеме раце, да носиме маски и да одржуваме растојание.

Пред него, министерот за здравство Венко Филипче рече дека во моментов нашата земја е соочена со бран посилен од првиот, како последица на попуштање на рестриктивните мерки, но пред се на прослави, организирани семејни веселби, групирања, не користење на заштитни мерки, маски, дезинфекција.

„Она што е најважно, е поддршката на граѓаните, целосно применување на мерките.
Сега кога се враќаме во редовните навики, во животот, многу е важно да ги почитуваме мерките сите, да одржуваме дистанца“, рече Филипче.