Скандалот во битолската болница го отвори и прашањето за долгиот процес за нострификација на дипломите


БИТОЛА – Не стивнуваат реакциите во Битола по вчерашниот обелоденет скандал на Гинекологија во кој двајца лекари дозволиле трет невработен лекар, странски државјанин да породи родилка со царски рез.

Станува збор за гинеколозите Михајло Вангелов (33) и Гоце Чакаровски (60) години кои ѝ овозможиле на сопругата на Вангелов, која нема соодветна лиценца за работа издадена од Лекарска комора на РСМ, да изврши породување со царски рез во болницата.

Битолчани коментираат различно – од тоа дека  беззаконието мора да се казни, но и дека има оправдување, бидејќи во државата долго се чека за нострификација на диплома, па лекари со странско државјанство чекаат со години за да се интегрираат во здравствениот систем.

„Таа барем имала знаење и странска диплома. Што ќе правиме со нашите кои без знаење добиле дипломи, а фатиле одговорни позиции? Инаку, нема оправдување за беззаконието“, коментира битолчанецот Трајковски.

„Имам другарка која заврши факултет во Србија. Чекаше еден куп години за нострификација на дипломата. Најплодните години за работа ги помина низ бирократските лавиринти. Претпоставувам истото се случува и со докторката. Наместо да ѝ се даде лиценца и да се искористи нејзиното знаење, ќе чека години да поминат. Додека не заборави сѐ што знаела“, пишува Гаштарова.

На овој коментар се надоврзува лекарка од Битола која тврди дека со години чекала нострификација на дипломата.

„Ни јас не поминав подобро… 9 години бев невработена“, пишува лекарка од Битола.

Гинекологот Вангелов на 20 јануари на својот Фејсбук профил напишал „Цркнете душмани“, по што следуваат низа на коментари од битолчани негови ФБ пријатели, едни со поддршка, други со прашања за што станува збор. Но гинекологот на еден од нив му пишува дека некому му смета па порачува „ама не ме срушват така лесно“.

Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска одговарајќи на новинарско прашање рече дека директорката на болницата ги информирала за случајот минатата недела и дека ќе го чека официјалниот извештај за да даде став за ова прашање.

Официјално се чека одлуката на дисциплинската комисија за суспендираните гинеколози. Најрано до крајот на оваа недела ќе се одлучи кои казнени мерки ќе бидат преземени за гинеколозите.

„Во тек е процедурата на дисциплинската комисија. Се очекува таа до крајот на оваа седмица да поднесе предлог за изрекување на казна до мене како директор на Болницата. А јас треба да изречам решение за казна, за што има законски рок од 60 дена од почетокот на процедурата“, изјави д-р Билјана Гагачовска директор на Битолската клиничка болница.

Вчера полицијата им поднесе кривични пријави на двајцата лекари за злоупотреба на службата, фалсификување службена исправа, а на сопругата на гинекологот за надрилекарство и непостапување според здравствените прописи за време на епидемија. (А.Б.)