„Уште колку идиоти има“: Вархеи заборави да го исклучи микрофонот во Европскиот парламент

Вархеи беше испрашуван зошто не се дистанцира посилно од Милорад Додик и зошто е толку попустлив кон антидемократските процеси во Србија


 

На унгарскиот еврокомесар Оливер Вархеи микрофонот му остана вклучен при заседавањето на Европскиот парламент вчера, па по еден од неговите говори можеше да се слупне како на унгарски вели: „Уште колку идиоти има?“

Еврокомесарот на ЕУ за проширување одговараше на прашања на европарламентарците за проширувањето на ЕУ на Западен Балкан. Вархеи, одговарајќи на прашање на хрватските европарламентарци Жељана Зовко и Томислав Сокол, по седнувањето на место заборави да го исклучи микрофонот и рече „Уште колку идиоти има?“, веројатно мислејќи на останатите европарламентарци.

Зовко зборуваше за најновата состојба во Босна и Херцеговина и го истакна неодаменшното формирање на Советот на министри во БиХ. Таа повика на поддршка од Комисијата за новиот состав, а посебен акцент стави на финансиските средства од ЕУ.

Вархеи беше испрашуван зошто не се дистанцира посилно од сепаратистичките аспирации на лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, и зошто е толку попустлив кон антидемократските процеси во Србија.

Европскиот парламент доби час и половина можност да го испраша Оливер Вархеји. Во текот на 90-те минути, секој претставник можеше да поставува прашања за проширувањето кон Западен Балкан, на кои еврокомесарот требаше да одговори.

Унгарската опозициска партија Демократска коалиција побара оставка од Вархеи, затоа што сметаат дека неговиот коментар не доликува за функционирањето на Европскиот парламент.

Ако Вархеи не си поднесе оставка, тие очекуваат претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен да го отпушти. Додаваат дека случајот ќе го пријават на Европскиот парламент и кај претседателот на Европската комисија, пренесоа унгарските медиуми.

Пред неколку недели, Европскиот парламент усвои резолуција со која се бара истрага за Оливер Вархеи. Европратениците го кажаа тоа вака: „продолжува да биде длабоко загрижувачки (за Европскиот парламент) што еврокомесарот за проширување намерно го поткопува главниот услов за пристапување во ЕУ важноста на демократските реформи и владеењето на правото“. Затоа, Европската комисија беше повикана да спроведе истрага, но бриселското тело барем досега не го стори тоа.