Скандал по труење со кисела вода во Хрватска: Пијте само обична вода


 

Три лица завршија во болница во Загреб, а едно во Риека, поради сомневање за труење со газиран пијалок. Полицијата извршила истрага на Природно-математичкиот факултет во Загреб, каде наводно млад човек се затрул од газиран пијалок.

„Јутарњи лист„ пишува дека маж испил минерална вода „Ромеркел“ во кафуле.
Хрватскиот институт за јавно здравје добил примероци од безалкохолни пијалоци кои санитарната инспекција им ги дала по увид во кафуле во Риека каде на едно лице неодамна му се слошило. Резултатите од анализата ќе бидат доставени до Државниот инспекторат.

Станува збор за „два композитни примероци составени од 16 шишиња, вкупно 8 литри течност“, потврди директорот на ХЗЈЗ, Крунослав Чапак.

„Веројатно се работи за некои корозивни средства и најважно е да се види дали има туѓи елементи во тој пијалок, бидејќи самиот пијалок и целата содржина внатре не можат да предизвикаат такви повреди“, потенцира Чапак.

Одлука за повлекување на производите од пазарот може да донесе само Државниот инспекторат, додаде директорот на ХЗЈЗ.

Истото мислење го дели и Рајко Остојиќ, специјалист по гастроентерологија и хепатологија и раководител на Одделот за гастроентерологија во КБЦ Загреб, кој прегледувал пациенти кои доаѓале со стомачни тегоби.

„Избегнувајте ги сите газирани пијалоци. Пијте редовна општинска вода. Водата во Загреб е одлична, и далматинската вода, крајбрежната вода, водата во Лика… Ако Хрватска има нешто, има одлична вода“, рече тој.

Министерот за здравство Вили Берош одговарајќи на новинарско прашање за безбедноста на граѓаните рече: „Тоа не можам да го кажам со сигурност во овој момент, ниту некој друг. Имаме два случаи на труење со газирани пијалоци во два различни града, кои биле полнети во две различни земји… Најдобро е да се пие вода“.

И покрај тоа што инцидентот во Риека се случи во саботата, властите до вчера не реагираа, додека на социјалните мрежи кружеа гласини за наводни труења.

Пациентите кои се во болница се со изгорен хранопровод.

„Кока-Кола“ Хрватска вчеравечер излезе со ново соопштение за случаите на труење со пијалоци, во кое наведуваат дека работат според највисоките стандарди за квалитет и здравје, кои исто така се подложени на редовни надворешни контроли.

„Свесни сме за случајот поврзан со стаклено шише Romerquelle Emotion Blueberry Pomegranate 330 ml. Ја изразуваме нашата длабока загриженост и надеж за брзо и целосно закрепнување на лицето инволвирана во овој случај. Ја понудивме нашата целосна поддршка и сме отворени на соработка со сите надлежни органи кои ја спроведуваат истрагата.

Работиме според највисоките стандарди за квалитет и здравје, кои подлежат на редовни надворешни контроли. Паралелно, спроведовме детална внатрешна истрага која не покажа никаква неусогласеност во нашето производство. Дополнително, примероците ги испративме во независна акредитирана лабораторија за понатамошна анализа“, соопшти „Кока-Кола“.