Скандал: 234 советници во општините што ги раководи речиси исклучиво ВМРО-ДПМНЕ го кријат имотот


 

Државната комисија за спречување на корупцијата поведе постапки против 234 советници избрани во општините низ државата затоа што не ја исполниле законската обврска да поднесат изјава за имотна состојба во предвидениот рок.  Бројката на советници што ја избегнале обрската е толку голема така што овој случај зборува за транспарентноста и отчетноста на актуелната локална власт.

Адем Чучуљ, претседателот на државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) истакна дека анализата на електронската евиденција покажала дека околу една петтина од советниците во општинските совети не ја доставиле задолжителната изјава, што претставува прекршување на одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.

Инаку, најголем дел од општините во земјата се под раководство на ВМРО-ДПМНЕ од локалните избори во 2025 година. Анкетниот лист не е формалност, туку основен инструмент преку кој јавноста треба да види со каков имот влегува едно избрано лице на функција и дали подоцна има сомнителни промени. Кога 234 советници ќе ја прескокнат таа обврска, тогаш не станува збор за индивидуална заборавеност, туку за масовен дефект во почитувањето на правилата.

Токму затоа ова не е само антикорупциска тема, туку и тест за политичка одговорност. Ако локалната власт сака да тврди дека работи транспарентно, тогаш првата обврска е нејзините избрани претставници да го пријават сопствениот имот и интереси. Без тоа, секој говор за чесно управување останува флоскула. Ако стотици советници не поднеле анкетни листови, тогаш проблемот не е само во нив, туку и во партиската и институционалната култура што го дозволила тоа.

Засега, јавно потврден факт е дека ДКСК поведе постапки за 234 советници во општините низ земјата. Во оваа бројка не се вклучени советниците од Општина Куманово, за кои претходно е утврдено непочитување на обврската и за кои веќе се изречени соодветни прекршочни налози.

Политичката одговорност за тоа кој точно ги носи најголемите последици ќе стане уште појасна ако Комисијата или другите институции објават детална структура по општини и политичка припадност.