(Видео) Скај њуз ексклузивно од Бергамо


Британската телевизија Скај Њуз направи ексклузивно видео од болницата во Бергамо, по барање на докторите да му покажат на светот со што се соочуваат и сите да сфатат дека мора да се изолираат, за да се стави крај на многуте умирања и епидемијата.

-Водиме војна и ја губиме, изјави еден од докторите кој вели дека се обидуваат да ги спречат болните да умрат, не да ги лечат.

-Само што ќе пристигнат се во ужасна состојба, буквално се гушат за воздух – ги објаснува докторот симптомите забележувајќи дека никој во Италија не очекувал дека толку многу и толку бргу може да се прошири епидемијата.

-Сакаме сите да го видат ова, особено граѓаните во Обединето кралство, вели докторот оценувајќи дека не станува збор за епидемија на грип, туку епидемија на пневмонија, и тоа многу силна.

-Секојдневно доаѓаат по 50 до 60 нови пациенти на кои им треба кислород, вели докторот во една, како што констатира репортерот, од најдобрите болници во Европа, што се наоѓа во Бергамо.

-Изолирајте се или ќе се соочите со ова, вели докторот посочувајќи дека кога ќе дојде епидемијата таа „експлодира“ и одеднаш им требаат сите медицински сретства и кревети, поради што ситуацијата ја нарече – апокалипса каква што не видел досега.