СЈО незаконски исплатило 4,6 милиони евра надоместоци за тајност, констатира Државната ревизија


Државниот завод за ревизија констатирал дека во Специјалното јавно обвинителство износот на исплатени додатоци за 2015 година го надминува износот на исплатените средства за основната плата по лице, како и дека за периодот јануари 2016 – септември 2019 по основ на надоместоци за почитување на принципот на тајност и за посебна заштита на приватност биле исплатени средства во вкупен износ од 282,89 милиони денари (речиси 4,6 милиони евра) за кои ревизијата не обезбедила соодветен законски критериум.

Ова се вели во соопштението на ДЗР по извршената ревизија на усогласеност во Специјалното јавно обвинителство за периодот 2015 – 2019 година на тема „Плати и додатоци на плати и други надоместоци, која била направена на барање на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција.

Во ревизорскиот извештај се нотира дека додатоците на плата за 2015 година кои што се предвидени за Јавниот обвинител и јавните обвинители во ова обвинителство, го надминуваат износот на исплатени средства за основната плата по лице.

„Ваквата констатација е резултат на извршените детални тестирања на доставената документација, како и анализата на податоците од деловните книги. Во предвид се земени и интерните акти донесени од страна на Јавниот обвинител, односно Правилникот во кој се утврдени додатоците во апсолутни износи“, соопшти ДЗР.

Од таму појаснуваат дека правото на додаток на плата на Јавниот обвинител и јавните обвинители во СЈО е уредено со член 14 од Законот за СЈО, согласно кој се утврдени додатоци на плата и тоа: додаток за посебните услови за работа, додаток за постоење на висок ризик и додаток за доверливост.

Со донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за платите на јавните обвинители од декември 2015 година, уредено е дека вкупниот износ на висината на додатоците не може да изнесува повеќе од 35 отсто од основната плата на јавниот обвинител, додека за висината и начинот на утврдување на додатоците, потребно е јавниот обвинител да донесе посебен акт, појаснуваат од ДЗР.

Од таму додаваат дека ревизорските наоди кои се однесуваат на остварувањето на правото на други надоместоци произлегуваат од прибавени информации кои имаат степен на класификација, поради што Државниот завод за ревизија согласно член 29 од Законот за државна ревизија изготви посебен извештај, согласно Законот за класифицирани информации, а висината на исплатените средства по овој основ изнесуваат 282.896.000 денари.

За извршената ревизија ДЗР го даде следниот заклучок:

„Врз основа на извршената ревизија, утврдивме дека остварувањето на правото на плата, точноста на пресметката, евидентирањето и исплатата се во согласност, во сите материјални аспекти, со релевантната законска регулатива и интерните акти.

Исто така утврдивме дека освен додатоците на плата за 2015 година, остварувањето на правото на додатоците на плата, точноста на пресметката, евидентирањето и исплатата се во согласност, во сите материјални аспекти, со релевантната законска регулатива и интерните акти.

Во однос на остварувањето на правото на другите надоместоци, точноста на пресметката, евидентирањето и исплатата утврдивме дека истите не се во согласност, во сите материјални аспекти, со релевантната законска регулатива и интерните акти“, се вели во соопштението на Државниот завод за ревизија.

Линк до конечниот ревизорски извештај:

https://dzr.mk/sites/default/files/2020-09/100_Specijalno_javno_obvinitelstvo_KOMPLET_2020_0.pdf