СЈО почна да си ги одложува предметите, судот без усогласен став

Бранителите на обвинетите во случаите на Специјалното јавно обвинителство речиси на секое рочиште бараат одложување, но сега никој не знае што ќе се случува со овие судења бидејќи првпат одложување на рочиштето побара обвинител од СЈО. Судечкиот совет на чело со судијата Осман Шабани вчера го одложи судењето за случајот ТНТ на барање на обвинителот од СЈО кој го води случајот, Бурим Рустеми. Обвинителот уште пред да почне рочиштето побара одложување се додека не се реши кое обвинителство ќе го застапува случајот во судница откако шефицата на СЈО, Катица Јанева, од притвор побара сите предмети на СЈО да се префрлат во редовното Јавно обвинителство.

Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески испрати допис со кој побара СЈО да им ги предаде сите предмети во кои се гони криминалот на функционери од поранешната власт. Политичката игра со која треба да се реши судбината на случаите ги збуни и судиите, кои на различни рочишта носат различни одлуки, во зависност од политичката ситуација. На претходното рочиште за случајот ТНТ за уривањето на комплексот „Космос“ судијата Огнен Ставрев не го прифати барањето на одбраната на обвинителите за одложување на главната расправа до целосно решавање на состојбата околу СЈО. Тој не го прифати ниту барањето за изземање на Јанева и на обвинителот Рустеми. Во вторникот, пак, по најавата дека предметите од СЈО преминуваат во редовното обвинителство, судијката Добрила Кацарска го одложи рочиштето по сопствена иницијатива. Според судијката, секое одржување расправа по предмет на СЈО би можело да доведе до повреда на постапката, поради објавата на државниот јавен обвинител Љубомир Јовески дека ќе ги преземе предметите од шефицата на СЈО, Катица Јанева.

„Се надевам дека во следните денови целата оваа ситуација ќе се разреши. Со одлуката за преземање на предметите, целото судство е заробено и не може да се судат предметите на СЈО. Не можеме да ги водиме судењата бидејќи може да се направи повреда на постапката“, истакна Кацарска.

Кацарска предупреди дека судиите што ги водат предметите на СЈО се доведени во ситуација сами да одлучуваат како ќе постапат откако специјалната обвинителка Катица Јанева заврши во притвор, а потоа побара и преземање на предметите од Јавното обвинителство.

Претседателот на Кривичниот суд во Скопје, каде што се водат сите предмети на СЈО, Иван Џолев, вчера не ни одговори дали во судот имаат одржано некаков колегиум и како сега судиите ќе постапуваат по овие предмети, или сите ќе го толкуваат законот различно и ќе носат различни одлуки за судењата за овие предмети. Најверојатно и судот и обвинителите чекаат политичарите да им ја решат иднината, па потоа да излезат во јавност.

Откако Врховниот суд со правно мислење ја оспори надлежноста на СЈО за предметите и истрагите покренати по 30 јуни 2017 година, сега неизвесна е судбината и на дваесетина случаи кои неколку години се влечат во судниците.

Во нив се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, поранешни министри, односно речиси целото поранешно раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Во истрагите покренати по спорниот рок е и предметот „Империја“, кој требаше да го расчисти криминалот за кој се товарат поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков и бизнисменот Орце Камчев.

Не се знае дали ќе биде расветлен и неуспешниот попис за кој се осомничени Али Ахмети и Никола Груевски, патните трошоци на поранешната пратеничка Силвана Бонева, здравствената опрема на сегашниот вицепремиер, Бујар Османи и истрагата против поранешниот вицепремиерот Зоран Ставрески, кој беше еден од ретките функционери од ВМРО-ДПМНЕ против кого не беше покренато обвинение.

Фросина Факова-Серафиновиќ