СЈО ги гони, тие ќе му вратат со нов закон!


 

Случајот „Шпански скали“ го струполи „конструктивното“ ВМРО-ДПМНЕ во неприкриена деструкција околу новиот закон за јавно обвинителство. По големата полициска акција и притворањето на ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, но и на Димитар Димовски, актуелен член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, како и Дејан Митревски, претседател на општински комитет на партијата во Аеродром, од ходниците на „белата палата“ очекувано се слушнаа најнови врисоци за „политички прогон“.

Како што тоа обично се случува кога ептен ќе згусти, новото политичко раководство на најголемата опозициска партија одново и одново го вади џокерот од ракавот – судбината на СЈО.

Наспроти предлог-законот од Министерството за правда, за кој се водеа разговори меѓу партиските групи кои подолг период се на стенд-бај, ВМРО-ДПМНЕ, чие претходно раководство беше квалификувано од СЈО како злосторничко здружение, сега дошло на идеја да предложи нов закон кој би бил, како што велат, во согласност со европските стандарди.

„Правниот систем е уништен. ВМРО-ДПМНЕ ќе ги врати правната држава и владеењето на правото. По победата на изборите од страна на ВМРО-ДПМНЕ, ќе почне ослободувањето на Македонија од овој вистински режим“, стои во вчерашното соопштението од центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, како потврда на најавите на лидерот Христијан Мицкоски дадени ден претходно во интервју за Канал 5 за формирање внатрепартиски тимови кои ќе работат во рамки на правната комисија на партијата во креирање на законот. Тој, како што рече, ќе го опфати компаративното применливо европско право, како и препораките и праксите на Европскиот суд за човекови права.

„Тие луѓе што ја обвинуваат опозицијата за законот за јавно обвинителство само сакаат да го искористат законот и да ја нападнат ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е така зошто анкетите покажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на изборите и затоа преку законот сакаат да се пресметаат. Граѓаните не добија ништо од ова Специјалното јавно обвинителство, резултатот е еднаков на нула“, објаснува Мицкоски.

Од СДСМ вчера му возвратија дека тој не може да го одбрани криминалот на партијата.

„Христијан Мицкоски, седнат во „белиот дворец“, симболот на криминалот и корупцијата, уште еднаш потврди кој е неговиот најголем проблем: функционирањето на правната држава и СЈО. Само тоа го мачи Христијан Мицкоски, несигурен е, не може да го одбрани криминалот на режимот, криминалот на ВМРО-ДПМНЕ и неговите соработници. Само во ВМРО-ДПМНЕ ништо не се менува, тоа е истата партија во која сè уште е шеф Никола Груевски. Затоа Мицкоски се плаши од промените, го чека нов пораз и покрај силењето за некакви предвремени избори кое е само за внатрешна употреба, за својата партиска позиција“, велат од СДСМ.

Оптимистичките најави на заменик-министерот за правда Оливер Ристовски, дека најдоцна во септември ќе се донесе законот за Специјалното јавно обвинителство, во вакви политички околности изгледаат научнофантастично. Просто неверојатна е веројатноста да се изнајде соодветно законско решение кое ќе овозможи до крај да се истражат кривичните дела кои се во надлежност на СЈО, а со цел остварување на мандатот и мисијата на ова јавно обвинителство – да разреши со криминалното поведение на претходната власт.

Новото раководство на опозицијата не се огради од своите претходници, а негативниот однос кон СЈО е само дел од низата противења – договорите со Грција и Бугарија, уставните амандмани, претходно, при смената на власта, на конституирањето на Собранието кое на крајот резултираше со насилниот упад во Собранието.

„Проблемот е политички, а не е правен. Не постои политичка волја да се реши ова прашање. Јасно е дека ВМРО-ДПМНЕ не е заинтересирана за судбината на СЈО“, вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

Со статус квото, СЈО, кое како што признаваат самите обвинители, се држи во вештачка кома (освен што одат на судењата и документацијата што ја прибираат, други активности немаат), а тоа според него ѝ одговара на опозицијата.

„Тие комотно може да си чекаат да истече мандатот на СЈО на 15 септември, па потоа да кажат: Ајде сега да разговараме! Вака оставени сами на себе политичките партии очигледно ништо нема да направат. Потребен е дополнителен меѓународен притисок. Потребно е да се изнајде начин да се реши проблемот, односно да се обезбеди независна институција, без оглед како таа ќе се вика, која ќе ги продолжи започнатите процеси против високата корупција и ќе обезбеди соодветен простор за независно постапување и процесирање на предмети што се однесуваат и на актуелната власт“, вели тој.

Самата форма на постоење и законското решение за СЈО (односно најавениот законот за јавно обвинителство) не е нешто на што ЕУ категорично инсистира за добивање датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ, но одредени земји, како Холандија, порачуваат дека е неопходно да се постигне компромисно решение за СЈО меѓу власта и опозицијата.

„Холандија била и останува загрижена за владеењето на правото во земјава, а под тоа го подразбирам и Законот за СЈО“, изјави деновиве холандскиот амбасадор во земјава Ваутер Пломп. Тој притоа нагласи дека неговата земја ги поддржува спроведените реформи и договорот со Грција, но дека за добивање датум е неопходно да продолжи борбата против високата корупција.

Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров неодамна рече дека фали договор за СЈО за да нема оправдувања за нови одложувања за датумот за почеток на преговорите со ЕУ.

Тој вели дека е потребно со опозицијата да се најде решение, но потенцира дека, сепак, не смее да се поминува црвената линија во тие разговори. „Црвената линија е во однос на истрагите кои ги води СЈО за кои нема судски процеси да им ги оставиме на правосудните органи да ги решат, а не тоа да биде договор меѓу партиите и политичарите бидејќи треба да градиме систем и секој да ја има својата одговорност“, рече тој.

 

Дескоска: Ќе прифатиме одредби во кои нема скриена амнестија

 

Министерката за правда Рената Дескоска изјави дека го очекува контрапредлогот на опозиција за законот за јавно обвинителство. Таа нагласува дека нема да се прифати скриена амнестија.

„Кога ќе го добиеме предлогот, ќе се произнесеме. Ако има подобрувања на текстот, секако дека одредбите може да бидат прифатени. Ако има скриена амнестија, тоа нема да се случи“, вели таа.

Дескоска во неколку наврати порача дека е потребно да се постигне консензус со принципите кои се зададени од Европската Унија за владеење на правото.

„Нашето инсистирање да нема можност за скриена амнестија е принцип од кој не можеме да отстапиме, затоа што само закон кој ќе содржи решенија соодветни на европските вредности е закон кој ќе биде позитивно оценет“, кажа неодамна Дескоска.(Н. К.)