СЈО демантира: Јанева нема издадено наредба за уништување на материјали


Специјалното јавно обвинителство демантира дека Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева издала наредба да се спроведе „форензичко бришење“ на компјутерите во СЈО.

„Специјалниот јавен обвинител нема дадено наредба за било какво уништување на материјали, податоци или доказен материјал во рамките на обвинителството, било истиот да е во пишана или усна форма“, се вели во демантот на СЈО.

Од таму велат дека во ниту еден случај не би се дозволило по кој било кој основ материјалот којшто се наоѓа во обвинителството да биде доведен во опасност.

„Сите активности кои во континуитет се преземаат се единствено во насока на зачувување на сите податоци, информации, документи и списи кои се предмет на работењето на ова обвинителството. Водејќи се од правилата за обезбедување на безбедносни, технички и организациски мерки во делот на заштитата на целокупниот материјал кој се наоѓа во обвинителството, сочувувањето на неговиот интегритетот е од висок приоритет, и во ниту еден случај не би се дозволило по било кој основ истиот да биде доведен во опасност“, се додава во демантот.

„360 Степени“ повикувајќи се на извори од СЈО објави дека Јанева дала усна наредба и побарала од вработените во ИТ-секторот да спроведат т.н. „форензичко бришење“ на компјутерите во Специјалното јавно обвинителство. Според нивните толкувања, постапката на „форензичко бришење“ нема да ги загрози документите што постојат во компјутерскиот систем на СЈО, сепак, неповратно ќе ги избрише податоците за тоа на кој компјутер, во кое време, од кое лице, што било работено.

Според нашите извори во СЈО, најверојатно се работи за редовна процедура, започната од пред неколку месеци, којашто не ги опфаќа комјутерите на обвинителите, туку на стручните соработници и другите вработени во службите.

Веста дека Јанева наредила некаква бришење на комјутерите доби голем публицитет поради отворањето на истрагата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција под името „Рекет“, во која се споменува и името на Специјалната јавна обвинителка. Јанева не е осомничена, а за земање на рекет во притвор завршија менаџерот на 1ТВ, Бојан Јовановски и Зоран Милески – Кичеец. Истиот ден кога беше објавена истрагата за „Рекет“ Јанева, поднесе оставка на функцијата додека не се избере нејзин наследник.

Фото:Б. Грданоски