„Сивус“ станува дел од чешката групација „Арикома“


Нaјголемиот ИКТ-холдинг во Чешка, групацијата „Арикома“ ја презема македонската ИТ компанија „Сивус“.

Како што истакна премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција во Владата заедно со чешкиот амбасадор Мирослав Томан, станува збор за инвестиција која може да овозможи плодна натамошна соработка со Чешката Република.

– Силно верувам дека со новиот чешки партнер се создаваат услови за натамошно меѓународно етаблирање на Сивус, рече Заев.

Тој нагласи сека македонскиот ИКТ сектор во последните години е најбрзо растечка индустрија во нашата земја и ги вработува најмладите и најпродуктивните кадри.

– Групацијата Арикома може да очекува поддршка од Владата за сите нејзини наредни развојни планови, посочи Заев и најави намалување на персоналниот данок во ИТ секторот од сегашните 10 на нула проценти во 2023 година, како и други мерки за развој на оваа индустрија.

Управниот директор на групацијата „Сивус“, Игор Лештар рече дека компанијата има 800 вработени од кои 500 во земјава и додаде дека има канцеларии во осум земји. На крајот на минатата година, додаде тој, „Сивус“ се спои со „Арикома“.

Директорот за инвестиции во „Арикома“, Михал Томанек посочи дека станува збор за глобална компанија која има канцеларии во целиот свет и се гледа, како што рече, како водечка групација во ИТ секторот.

– Пред четири години имавме амбиција да станеме значителен актер во дејностите кои ги работиме преку купување на помали фирми за да постигнеме критична маса и искуство кое ќе ни овозможи да бидеме значителен играч на глобалниот пазар. Се уште не сме стигнати таму иако сега имаме вредност во технолошкиот простор од над 300 милиони евра, рече Томанек.

На ова, додаде тој, гледаме како на патување, за кое во последните години размислуваме за следните чекори и што тие може да бидат и, како што кажа, откривме дека пресвртница во Чешка и Македонија е токму ова и затоа се надеваме дека „Сивус“ ќе биде можност за нас да се прошириме понатаму и ќе биде перспектива за раст и достигнување на планот што го зацртавме пред извесно време.

– Клучна работа за нас е ДНК-та на фирмите и навистина ни се допадна ДНК-та што ја откривме во „Сивус“. Бев изненаден кога открив дека „Сивус“ ја има вистинската ДНК да одговори на предизвикот и да се движи наред, порача Томанек и додаде дека и поволната бизнис средина била причина за инвестицијата во „Сивус“.

Според него, брзо сфатиле дека земјава е плодна почва за развој на ИТ секторот и додаде дека е на 18-то место според поволната бизнис клима во рангирањето на Светска банка и е рангирана втора од сите посткомунистички земји после Албанија и се споредува со Канада и Израел.

– Имате многу големи технички таленти кои треба да се искористат. Треба да вработиме повеќе луѓе во Македонија и да инвестираме во нивната иднина, посочи Томанек.

Чешкиот амбасадор Томан рече дека Чешка секогаш стои на страната на Северна Македонија и потсети на чешкото присуство на јужната граница кај Гевгелија, како и соработката со Армијата за пренесување на НАТО искуството.

– Најдобар доказ за нашата соработка е коронакризата. Уште во април дониравме 100 илјади маски, а денеска пристигнаа и дополнителна помош. Во тешки времиња се познава пријателот. Значајно е што во тешки времиња чешките и македонските компании соработуваат. Би требало овој пример да го следат и компании од областа на туризмот и земјоделството, рече Томан.