Сите заедно против Орбан на изборите во Будимпешта
Будимпешта – Гласачите во унгарската престолнина обично не се фанови на Виктор Орбан, но со години не успеаја да се ослободат од него или од неговите сојузници.
Неговите противници се надеваат дека оваа година ќе биде различна и ќе можат да направат дупка во поддршката на премиерот, сето тоа благодарение на тимската работа.
Унгарија се подготвува за локалните избори во октомври на кои треба да се избираат градоначалници и совети. Додека брендот на националистичка политика на Орбан ужива силна поддршка низ целата земја, тоа не е случај во Будимпешта, каде што неговата партија Фидес освои 41,17 проценти на изборите за Европскиот парламент во мај (а падна и на 31,72 отсто во централниот градско подрачје) споредено со 52,56 проценти на национално ниво.
Сепак, гласањето против Орбан одамна е поделено, па многу од локалните власти на главниот град, како и нејзиниот градоначалник, се или членови на Фидес или се поддржани од владејачката партија.
Сега опозицијата експериментира со нова стратегија: коалиција на партии од целиот политички спектар што поддржува единствени кандидати на локалните избори за да ги спречи групите против Орбан да се натпреваруваат едни со други.
„Јас сум многу оптимист“, рече Гергели Карачони, либерал кој се кандидира за градоначалник на Будимпешта со поддршка на пет опозициски партии.
Зборувајќи за „Политико“ во својата канцеларија во населбата Зугло, каде што тој моментно служи како градоначалник на квартот, Карачони вели дека опозициските партии работат на поддршка на единствени кандидати во 23. општини во главниот град. „Пред неколку години, ова ќе беше незамисливо“, рече тој.
Овој 44-годишник беше избран за заеднички кандидат на опозицијата за градоначалник на Будимпешта по низата јавни дебати и на првите примарни избори, каде што жителите на Будимпешта можеа да изберат од тројца кандидати на опозицијата.
Три либерални партии, како и социјалистите и зелените, во моментот го поддржуваат Карачони, додека десничарската партија Јобик не истакнува кандидат против него.
Карачони ќе се соочи со актуелниот градоначалник Иштван Тарлош (71) поддржан од Фидес.
Во меѓувреме, во градските општини, како и надвор од Будимпешта, беа избрани заеднички кандидати по повеќемесечните преговори меѓу опозициските групи.
„Треба да донесете многу различни типови политички актери на иста платформа и овие актери не се навикнати да работат едни со други. Тие доаѓаат од различни политички култури, постојат некои идеолошки разлики што треба да се надминат“, рече Даниел Берг, 30-годишен член на бордот на либералната партија Моментум, која освои 17,35 проценти од гласовите во главниот град на изборите во Европскиот парламент и 9,93 отсто на национално ниво.
За време на преговорите за заеднички кандидати, опозициските партии разгледуваа податоци од анкетите и резултатите од минатите избори, како и „кој има добри локални кандидати, кои партии се најпосветени“ во секоја област, рече Берг. „Тоа е најобединувачкото нешто што сум го видел во опозицијата“, рече тој додавајќи дека „Будимпешта дефинитивно може да се добие“.
Како и повеќето локални избори на континентот, трката во голем дел ќе се фокусира на прашања што влијаат на секојдневниот живот на жителите. Во Будимпешта тоа значи фокус на прашања како што се зголемувањето на цените на становите, предизвиците во транспортот и лошиот квалитет на воздухот.
На прашањето што ќе му каже на гласачот на Фидес да го убеди да се определи за опозицијата во градоначалничката трка во Будимпешта, Карачони вели дека ќе им каже дека „овие избори не се за Фидес и не се за опозицијата“, додавајќи дека Орбан го насочи финансирањето на развојот далеку од престолнината и го пренесе во провинциските градови.
Премиерот отсекогаш имал „политика против Будимпешта“, рече Карачони.
Како знак дека Орбан може да биде загрижен за претстојните избори, на крајот на август унгарската влада објави дека ќе распредели ваучери во вредност од 9.000 форинти (околу 27 евра) на секој пензионер до крајот на септември.
Но, и покрај недостигот на популарност на Орбан во Будимпешта, некои во опозицискиот камп се загрижени од нискиот одѕив, како и од присуството на други кандидати кои не се поддржани од опозициските партии, чие учество може да влијае на резултатите во случај на тесни трки. Исто така, постои верба дека некои гласачи би можеле да се одлучат за Фидес од страв дека нивната област ќе биде казнета финансиски од страна на националната влада ако ја изберат опозицијата.
Има загриженост дека дури и ако Карачони победи во трката за градоначалник, неговиот градски совет би можел да остане доминиран од Фидес, што ќе го отежнува спроведувањето на политиките. Некои опозициски гласачи, исто така, го доведуваат во прашање неговото досие и способност да се залага за посебни интереси и да ја искорени корупцијата.
Еден опозициски инсајдер, кој зборуваше под услови на анонимност, рече дека кампот против Орбан има шанса да победи во четири области на Будимпешта, додека уште девет се „можеби“. Надвор од главниот град, инсајдерот рече дека е „многу можно“ да се забележат победи на опозицијата во градовите Мишколц, Сомбатели, Печ и Сегед и „можеби“ во Дунајварош и Егер.
Актуелниот градоначалник на Будимпешта, Тарлош, кој ја започна својата кариера како либерал, но долго време беше поддржан од Фидес, одби да разговара за овој напис и не одговори на писмените прашања за неговите цели во кампањата.
Но во интервју за државните медиуми во текот на летото, Тарлош го спореди знаењето на Карачони за Будимпешта со она на вработен во огромен хипермаркет кој работи на задниот дел од продавницата, водејќи го одделот за капење птици.
„Ова не е функција за прославување, не можете да живеете со блефови“, рече Тарлош. „До одреден степен треба да бидете со владата“, додаде тој предупредувајќи на значителна штета за градот ако неговото раководство не успее да работи со националната влада.
На прашањето што ќе му каже на Орбан доколку биде избран, Карачони рече дека не се кандидира за градоначалник за да го одведе градот во битка.
„Омиленото политичка агенда на Виктор Орбан е војна, тој е секогаш во војна со некого: со Европската Унија, со мигрантите, со Џорџ Сорос, со либералите, со комунистите, со НЛО… тој сака да оди во војна. Но не би сакал да оди со будимпештанците, затоа што ги има премногу, тоа е она што ќе му го кажам“. (Политико)