„Сите за Палестина“ на протест пред МНР: Стоп за македонскиот молк за геноцидот во Газа


Фото: Б: Грданоски

Иницијативата „Сите за Палестина“ денеска во 18 часот ќе организира протест пред Министерството за надворешни работи и надворешна трговија како солидарност со палестинскиот народ пред почетокот на 80-то Генерално собрание на ОН, каде ќе учествува и македонска делегација.

Од иницијативата апелираат дека треба да запре молкот пред геноцидот во Газа и повикаа граѓаните да се потпишат на петиција каде ќе се бара владата и меѓународните претставници на Македонија да гласаат со поддршка на Палестина во текот на ова собрание.

„Земјата треба да ја потврди својата поддршка за правото на самоопределување на палестинскиот народ, да гласа во корист на Палестина на сите идни сесии на ОН, вклучително и во прашањата за полноправно членство и хуманитарна помош и да усвои официјална позиција со која ќе се осуди геноцидот во Газа“, апелираат од Иницијативата и повикуваат земјата да воведе санкции против Израел.