Сите за… една цел: СДСМ објави фотографии дека нема поделби, заедно со Заев


 

Изгледа дека Фејсбук објавата на пратеникот Мартин Костовски пред некој ден за обединување во СДСМ била подготовка за она што требаше да биде претставено вечерва. 

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, вечерва објави три фотографии и текст преку кој соопштува дека партијата е обединета, дека поранешниот лидер Зоран Заев е тука да му даде поддршка на сегашното раководство. Ова, веројатно, треба да направи суштинска разлика од јавните препукувања и обвинувања меѓу сегашниот и поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и Никола Груевски, кои овие денови беа главно мени на политичката трпеза.

На фотографиите не се само Ковачевски и Заев, туку и Оливер Спасовски, како и Игор Ивановски, поранешниот важен соработник на Бранко Црвенковски, кој сега его предводи телото во партијата за креирање и имплементирање политики.

 

Фотографиите се поважни во текстот во оваа објава, но Димитар Ковачевски преку него го нагласува заедништвото на партијата и дека сите на состанокот се дел од стратешки тим:

„СДСМ има долгогодишно државничко и партиско искуство, посветеност и полна енергија да продолжи со победа и брз чекор по европскиот пат.

Денешниот координативен состанок на стратешкиот тим е во оваа насока – да направиме сè, да овозможиме целосен државен и национален консензус за исполнување на определбата на огромното мнозинство граѓани, да станеме полноправна европска држава до 2030г.

Европскиот пат и полноправното членство во ЕУ е највисок државен и национален, македонски приоритет. Ова е клучен момент, се работи за сегашноста, стабилноста и извесната иднина на сите наши граѓани, за иднината на денешните и идните генерации.

Граѓаните заслужуваат европски квалитет на живот и европски животен стандард, во европска држава, а тоа да биде нивната родна земја, нивната татковина“, напиша Димитар Ковачевски за средбата во седиштето на СДСМ.