Сите во црно на погребот на Папата Франциск, никој не смее да ги прекрши правилата


Погребот на папата Франциск, кој ќе се одржи на плоштадот Свети Петар, не е само верски туку и глобален дипломатски настан од највисок ред. Со учество на повеќе од 130 странски делегации и десетина владетелски дворови, Ватикан постави строги правила што ги регулираат не само протоколот на седење, туку и облекувањето на сите присутни – од политичките лидери до обичните верници.

Според официјалниот ватикански протокол, кодексот на облекување е детално утврден и строго се почитува. Машките учесници се должни да носат темни одела со долга црна вратоврска и дискретно црно копче на левата ревер страна од сакото. Единствени дозволени одликувања се оние на Ватикан. Жените, пак, треба да бидат облечени во долги црни фустани со ракави, со црни ракавици и вел преку главата. Единствениот накит што е дозволен е огрлица од бисери.

Посебно строги се упатствата за жените од кралските семејства, особено католичките кралици. За нив се пропишани фустани без никакви украси, затворени обувки со ниска потпетица и задолжителна „мантилја“ – традиционален црн вел прицврстен со чешел. Привилегијата што одредени католички кралици ја имаат при аудиенција со папата – да носат бела облека, позната како il privilegio del bianco – овојпат нема да се примени, од почит кон поводот.

Но, строгите правила не се однесуваат само на високите гости. И обичните верници и туристи кои сакаат да влезат во базиликата Свети Петар за да му оддадат последна почит на папата мора да се придржуваат до строг дрес-код. Колената и рамената мора да бидат покриени, а недоличната облека – маици без ракави, кратки панталони, длабоки деколтеа – е строго забранета. Забранети се и провокативни тетоважи, слогани или симболи што може да се сфатат како навреда за католичката вера или пристојноста.

Од сите посетители се очекува да ги отстранат своите шешири пред влез во базиликата или музеите на Ватикан. Ова особено важи за мажите, бидејќи се смета за лошо воспитание да се носи покривка за глава во црковен простор.

Церемонијата на плоштадот Свети Петар ќе биде строго организирана и по однос на седењето. Првите места се резервирани за претседателите на Италија и Аргентина – татковината на покојниот папа. По нив следуваат католичките монарси, големиот мајстор на Малтешкиот ред и потоа владетелите од други вероисповеди. Останатите шефови на држави ќе бидат распоредени по францускиот азбучен ред, што е стандард во меѓународната дипломатија. Италијанската делегација, како домаќин, ќе биде најбројна со околу седумдесет учесници.

Погребот на папата Франциск не е само крај на едно понтификатство – тој е симболичен чин што ја обединува светската верска и политичка елита во чин на тишина, почит и традиција. Строгите протоколарни барања служат како потсетување на длабокиот ред и значење што Католичката црква му го придава на секој детаљ, особено кога станува збор за последната почит на нејзиниот духовен водач.