Сите вкусови на храната во Измир: Егејот во Турција е одлична опција за туристите што сакаат кулинарски авантури

Специјалитетите можат да се вкусат во бројните ресторани препорачани од MICHELIN водичот, но и преку автентичната улична храна


Модерните туристи во последно време не се фокусираат само на знаменитостите во дестинацијата што планираат да ја посетат, туку сѐ повеќе се интересираат и за храната што ќе ја вкусат на своето патување. Последните статистики говорат дека речиси секој петти турист во светот активно бара нови ресторани или кулинарски авантури, додека половина од нив резервираат ресторан дури и пред резервацијата на својот лет. Тоа е јасен знак дека гастрономскиот туризам станува значаен фактор што влијае врз глобалната туристичка дејност. Токму на овој тип патници им се препорачува да го посетат Измир, на егејскиот брег на Турција, кој нуди богатство од вкусови, надополнето со врвни локални вина. Сите овие специјалитети можат да се вкусат во бројните ресторани препорачани од MICHELIN водичот, но и преку автентичната улична храна.

Измир е познат по своите диви тревки, како што се див аспарагус, слез, коприва и цибез, кои најчесто се пропржуваат во извонредното маслиново масло од регионот и се служат како салати или мезе. Во традиционалните егејски таверни тие се комбинираат со најдобрите морски плодови од Егејот, и тоа ракчиња, октопод и каламари, но и со чаша раки. Дел од задолжителните јадења се и цветови од полнети тиквички, нежни артичоки во маслиново масло, како и традиционалното јадење од дива тревка со јагнешко месо.

Урла, пак, е крајбрежно гратче што најдобро го отсликува духот на Егејот, а се издвојува како гастрономска оаза позната по концептот „од фарма до трпеза“. Тука младите готвачи ги оживуваат традиционалните рецепти со современ пристап, користејќи локални состојки. Се советува таму да се вкусат артичоките со мастика, во елегантни ресторани кои се носители на MICHELIN ѕвезди, зелени ѕвезди, како и сомелиерски награди. Урла е значајна и во винската култура, со бројни бутик винарници каде можат да се дегустираат елегантни вина направени од автохтони сорти грозје, па дури и оние кои биле заборавени, а денес оживуваат.

При посетата на Измир се советува задолжително да се проба и богатата улична храна. Овие специјалитети се направени по домашни рецепти и се совршени за консумирање „во движење“. За типичен појадок на градот се смета бојоз (вкусно печиво), геврек, како и пишии (меко пржено тесто), кои одлично се комбинираат со познатото измирско тулум сирење. Кумру, пак, е вкусен сендвич со специфично лепче, полнет со салама, сирење и свежи домати. Измир е познат и по своите пекарници и десерти, каде популарен локален специјалитет е шамбали, сладок десерт од гриз и јогурт, како и локма, свежо пржени топчиња од тесто натопени во сируп.

Во однос на опциите за престој, Измир се издвојува по своите мали, шармантни и удобни бутик хотели, каде може вистински да се доживее егејскиот начин на живот. Во нив може да се ужива во долги појадоци во нивните пространи градини. Измир наликува на отворен музеј на антички цивилизации, па таму можат да се истражуваат и локалитетите на УНЕСКО, како Ефес и Пергамон, како и остатоците од Храмот на Артемида, едно од Седумте светски чуда, и Куќата на Богородица.

(Комерцијален текст)