Сите се сокрија од „контрабомбата“ на Верушевски


Игнорирањето на кое наиде сведочењето на ексразузнавачот Зоран Верушевски во случајот на СЈО, „Таргет – Tврдина“, всушност, е поголемо изненадување и од неочекуваните наводи, поврзани со „бомбите“ што тој ги изнесе во судницата во Кривичниот суд во Скопје, каде што се појави откако на претходното рочиште судот не можеше да го најде на домашна адреса. Со исклучок на експремиерот Никола Груевски, кој во долгото писание на Фејсбук од Будимпешта ликуваше дека сведочењето на Верушевски е „најголемата бомба“, речиси никој друг од директно засегнатите не се огласи за настанот.

Премиерот Зоран Заев, кој беше меѓу обвинетите за случајот „Пуч“ (квалификуван како државен удар), за кој потоа беше повлечено обвинението, деновиве е во Њујорк, каде што учествува на Генералното собрание на ОН. Тој барем досега не се огласи за сведочењето на Верушевски, кој летоска беше поставен за претседател на комисијата на СДСМ за внатрешни работи, а завчера во судницата, практично, се огради од „бомбите“ кои најмногу придонесоа за уривање на власта на ВМРО-ДПМНЕ.

Поранешниот директор на УБК тврдеше пред судот дека, по неговото притворање за „Пуч“, снимките од прислушуваните разговори добиле „стравотни модификации и компромитации“, што, всушност, оди во прилог на тврдењата на Груевски дека „бомбите“ биле „лепени, сечени и монтирани“. Покрај тоа, запаметена остана и аргументацијата на Груевски за жолтите комбиња кои кружеле низ центарот на Скопје и ги снимале телефонските разговори – како изговор за наводите на тогашната опозиција за масовно нелегално прислушување, во сценарио на Груевски и тогашниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Верушевски сведочеше дека увид во снимките од прислушуваните разговори имал и поранешниот претседател на државата и претходник на Заев на кормилото на СДСМ – Бранко Црвенковски, ама дека негова стратегиска одлука било како ќе постапува со материјалите. Црвенковски се врати на чело на СДСМ во 2009, а во 2013 година му го отстапи лидерското место на Заев. Од неговиот кабинет вчера само кусо одговорија дека поранешниот претседател останува на ставот да не дава изјави за медиумите на која било тема, вклучително и на оваа.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера имаше видеообраќање во јавноста, во кое не ги спомна ниту СЈО ниту разговорите за законот за јавно обвинителство ниту пресвртот во случајот „Таргет-Тврдина“. Одговорите на новинарските прашања за сведочењето на Верушевски им беа препуштени на партиските портпароли. Портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, порача дека веродостојноста на „бомбите“ е неколкукратно потврдена досега, за што, како што рече, е потврда и вештачењето што беше направено во Германија.

– Сите граѓани и целокупната јавност имаа можност да ги слушнат обвинувањата, да ги слушнат гласовите на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ за пиштење, вриштење и тегнење за уши и тоа е факт. Автентичноста ја потврдија и луѓето што беа инволвирани во самите материјали. Дополнително, имајќи ја предвид приватноста, СДСМ не ги објави приватните разговори, но сите разговори беа предадени во СЈО – рече Костадинов. Тој посочи дека принципиелен став на СДСМ е да не коментира судски одлуки и тек на судски постапки, кои, како што рече, треба да дадат одговори на случајот со незаконското прислушување во УБК.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, повтори дека Заев бил подготвен на сè за, како што рече, да се дограби до власт.

– Тоа го потврди и сведок на обвинителството кое го води тој случај, односно го потврди сведок на јавен обвинител кој работеше во СЈО. Снимките требаше да бидат обработени од страна на СЈО, за кое видовме дека служело за рекет и за уцени, наместо да донесе право и правдина. Затоа би оставил на правосудните органи да утврдуваат. Јас само би прокоментирал дека се потврди сето она што го зборувавме години наназад – дека Заев е подготвен и да модифицира и да манипулира и да направи сè што треба – само за да дојде до власт и да создаде бенефит за себе и за своето семејство – изјави Арсовски.

Сведочењето на Верушевски, во одредени делови не се совпаѓа со сведочењата на „свиркачите“ Ѓорѓи Лазаревски и Ѕвонко Костовски, кои исто така беа обвинети во случајот „Пуч. За разлика од Верушевски кој тврдеше дека Лазаревски ја носел документацијата во СДСМ, Лазаревски сведочеше во судница дека снимките од разговорите му ги давале на Верушевски. Лазаревски не одговараше вчера на телефонски повици. Во ноември минатата година, тој сведочеше на едно од рочиштата за „Таргет-Тврдина“ дека, заедно со Костовски, кон крајот на 2010 година, направиле план како да обезбедат докази за нелегалното прислушување во земјава. Од почетокот на 2011 година прислушуваните материјали што успевале да ги извлечат од УБК континуирано му ги предавале на Верушевски.

– Ги вадевме од МВР. Јас правев копии и му ги предавав на Верушевски – раскажуваше Лазаревски. Наспроти тоа, Верушевски завчера тврдеше дека снимките од прислушувањето не завршувале директно кај него, туку дека тој имал допир со нив како одговорен за безбедносната политика во СДСМ, каде што, пак, сега е одговорен за Комисијата за внатрешни работи. Неговиот понеделнички исказ во судот предизвика своевиден пресврт во базичниот случај на СЈО, кој се однесува токму на масовното нелегално прислушување, од кое произлегоа и другите „бомби“, како и на уништувањето на опремата во УБК. Посебно изненадувачки е тоа што Верушевски се појави во судницата како сведок на Обвинителството, односно на СЈО, кое и беше формирано за да ги расчисти криминалите и корупциските скандали што произлегоа од масовното прислушување, со кое, како што беше објавено, биле следени комуникациите на над 20 илјади граѓани.

Ахмети уште во 2015 година ја потврди автентичноста на „бомбите“

Наспроти завчерашната изјава на Верушевски за наводно модифицирање и компромитирање на снимките по неговото притворање, дел од функционерите што беа инволвирани во „бомбите“ ја потврдија автентичноста на разговорите. Таков беше случајот и со лидерот на ДУИ Али Ахмети, тогаш партнер на ВМРО-ДПМНЕ, а сега на СДСМ.

Во мај 2015 година, Ахмети, во интервју на ТВ клан, одговори потврдно на прашање дали снимките што ги објавуваше тогашната опозиција се автентични. Тој рече дека што се однесува на функционерите од ДУИ на овие снимки, кој згрешил ќе одговара. И неодамна разрешениот претседател на Врховниот суд Јово Вангеловски, во интервју по неговиот реизбор на функцијата во 2017 година, ја потврди автентичноста на разговор што го водел со поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, кој е еден од функционерите на ВМРО-ДПМНЕ против кој СЈО отвори повеќе постапки.

„Таргет-Тврдина“ е еден од клучните предмети на СЈО, за кој беа побарани првите притвори, за Горан Грујевски и Никола Бошковски од Петтата управа на МВР, кои го искористија одолговлекувањето на процедурата во судот за да, под лажни идентитети, избегаат од правдата и сега се во притвор во Грција. Покрај нив, во овој случај се обвинети и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, како и шефот на неговиот кабинет, Тони Јакимовски. Истрагата за предметот „Тврдина“ беше отворена во март 2016 година, а за „Таргет“ во ноември истата година. Поради нивната поврзаност, беа споени во еден предмет, кој се однесува на прислушувањето и на уништувањето на опремата во поранешната УБК.    Александра М. Митевска