Сите сакаат убав влез во Битола, но некои протестираат. Што им пречи?

Со децении влезот во Битола од страната на Прилеп е едно од најгрдите нешта во градот. Сега се гради булеварско решение. Многу граѓани не се задоволни. Што им пречи на тие што протестираат?


Поставен е и првиот асфалт на дел од улицата што се гради

 

БИТОЛА – Влезот на Битола од страната на Прилеп се гради веќе една година и претставува капитален проект за градот и Пелагонискиот регион. Децении наназад сликата за овој сообраќаен пристап до Битола беше темница, пат полн со дупки, без сообраќајна сигнализација, диви депонии, ѓубре и кал од двете страни на тесниот коловоз, дивоградби и импровизирани пристапи до дуќани и бизниси. Небезбеден ни за пешаците, ни за возачите. Граѓаните на Битола, бројните гости од другите градови, но и од странство во континуитет критикуваа и бараа нов сообраќаен пристап за градот.

Лани летото влезот почна да се гради, првите 800 метри, рокот за изведба истекува по 7 месеци, но изведувачот доцни со реконструкцијата (сработени се само 30 проценти од предвиденото). Премиерот Христијан Мицкоски пред еден месец по обиколката на теренот во Битола рече дека не е задоволен како се изведува реконструкцијата и прстот го впери во изведувачот ГД „Гранит“ и подизведувач „БВ инженеринг“. 

На ова доцнење од изведувачите пред две недели се надоврзаа протестите на жители и стопанственици од тој дел на градот. Тие се незадоволни што остануваат без пристап од и до своите домови и бизниси на овој магистрален пат.

„Во моментот единствено постојат услови за изградба само на локален пат со којшто може да му биде овозможено на сите засегнати жители од овој дел на градот законски да влегуваат и излегуваат во своите домови и деловни објекти. Бараме пренамена од магистрален во локален пат, оти овој дел од влезот ги поврзува општинските населби со централното градско подрачје“, е официјално ставот на засегнатите граѓани искажан пред Советот на општина Битола. Тие бараат кружен тек на патот за сообраќајно функционирање на жителите од Горно Оризари и Стрелиште. Бараат пешачките и велосипедските патеки предвидени на 5 метри ширина да се намалат на 2 метра (по еден метар за велопатеките и еден метар за пешачка зона), а останатите 3 метри ширина од коловозот да им служи како пат на жителите за влез и излез од станбените и деловните објекти, за да добиеле сигурен приклучок на главниот пат. 

Жителите и дуќанџиите покрај улицата се незадоволни затоа што ќе немаат излез на булеварот. Тие протестираат веќе неколку пати

Од Општина Битола се децидни – патот кој се гради е магистрален и ќе се гради според закон. Од општината нагласуваат дека голем дел од објектите се бесправно изградени, кои немаат обезбедено сообраќаен приклучок.   

Градоначалникот Тони Коњановски вели дека по ниту еден законски пропис не е дозволен излез и влез директно од магистрална улица, а е и крајно небезбедно. „Бесправно изградените градби и градбите со стекнат правен статус врз основа на Законот за легализација не смее да ги држат во заложништво безбедноста во сообраќајот, ниту изгледот на влезот во Битола“, вели Коњановски. 

Од денеска почна и асфалтирањето на дел од реконстрираниот коловоз.

Жители и дуќанџии синоќа повторно одржаа (трет) протест со блокирање на влезот на Битола кај населбата Горно Оризари со забелешка дека не се предвидени излези и влезови до куќите и стопанските објекти, па стравуваат дека со изградбата на магистралата трајно ќе останат отсечени од главната сообраќајница „8 Септември“.

Засегнатите се жалат дека децата во градинка ги носат по разни прекопи и насипи, дека немаат сервисни улици, а стопанственици дека дуќаните веќе не им се функционални и не можат да продолжат со бизнисите.

На булеварот се работи, но динамиката е многу бавна, само околу 30 отсто од работите се завршени

Граѓани вчера доставија иницијатива до Советот на Општина Битола за измена на проектот, велат не ја оспоруваат реализацијата, но бараат да помогне Советот да ги разгледа посочените забелешки и проблеми.

„Нашата цел не е противење за изградбата на влезот на Битола. Напротив, ние се гордееме со тоа што еднаш за секогаш ќе се реши овој проблем. Нашата цел е решение за нормално функционирање на станбените и деловните објекти, затоа што со изведувањето на градежните работи моментално се затворени и немаат влез и излез во своите домови и деловни простории“, рече Дарко Петровски граѓанин.  

Мештаните побараа да не се злоупотребува протестот од опозицијата за остварување на свои  политички цели, оти претходниот состав на Советот (проектот за сообраќајна инфраструктура е изработен и одобрен во 2021 година) го усвои овој проект.

„Проектот за изведба на улицата е од март 2021 година, во декември 2023 се пушти првиот предлог за експропријација на земјиште во Горно Оризари, кога ни соопшти еден граѓанин дека ќе почнат да ни одземаат делови од парцелите, а кај некои граѓани цели парцели. Имавме средби со претставници од општината, ни тврдеа дека никој нема да биде оштетен, но целото население од овој дел на градот ќе претрпи огромна штета и оние кои вршат стопанска дејност. Ние сме запознаени дека во овој дел на градот на хартија е предвидено индивидуално и колективно станбено домување, но реалноста е дека на таа улица се наоѓаат низа на деловни објекти кои требаше да бидат опфатени со овој проект“, рече Дарко Поповски и побара во најбрз временски рок да се изнајде решение за состојбата за законски влез и излез на жителите од своите станбени и деловни објекти.

Вака на некои места изгледаше влезот во Битола кога доаѓате од Прилеп (Фото: А Блажевска)

Од Општина Битола за „Независен“ одговорија дека изработката на проектот, профилот и крстосниците се регулирани со повеќе урбанистички и проектни документации-почнувајќи од ГУП на Битола од 1999 година, до проект за инфраструктура на улицата од 2020 година, па се до проект за сообраќајна и комунална инфраструктура на улицата „8 Септември“ од 2023 година.

„Профилот на улицата ‘8 Септември’, во сите наведени документации е утврден со ширина со која е направена експропријација и се изведува на терен. Во сите документации категоризацијата на улицата е утврдена како магистрална улица (Крак А3 магистрален пат) што подразбира забрана за колски приклучок од самата улица на сите градежни парцели и објекти што ја тангираат истата“, наведуваат од Општина Битола.

Општината напоменува дека во моментов не постојат услови за кружни крстосници со соодветни радиуси, а тоа ќе се разгледа при изработката на ГУП на град Битола.

Градоначалникот Тони Коњановски беше на средба со граѓаните и е категоричен во ставот дека булеварскиот влез е најдоброто решение за градот, оти години наназад една од најголемите критики беше дека влезот е неосветлениот, небезбеден и несоодветен влез на Битола.

За апелите на засегнатите граѓани Коњановски вели: „Имам целосно разбирање за тоа дека не можеме сите да бидеме задоволни од промените, бидејќи има сограѓани кои се засегнати во делот на бизнисите“. Но додава, дека голем дел од објектите се бесправно изградени, кои немаат обезбедено сообраќаен приклучок. За сите легални градби во проектната документација е утврден сообраќаен приклучок од секундарна сообраќајна мрежа, а не од магистралната улица.

Камен-темелникот за изградба на булеварскиот влез на Битола од страната на Прилеп беше поставен лани на крајот на јули. Се работи на атмосферска канализација, водоводна инсталација, коловозна конструкција, улично осветлување, реконструкција на пропуст над Раштански порој.

Станува збор за проект вреден над 102 милиони денари, кој се реализира во должина од 1.332 метри. Улицата да биде пуштена во сообраќај во 2026 година.