Сите прислушувани бараат отштета, кој ќе ја плати?


Недогледен е бројот на оние што сведочат дека биле прислушувани. Штетата што тие ја побаруваат веќе се брои во милиони и милиони евра

 

Новинари, бизнисмени, банкари, адвокати сведочеа денес дека биле прислушувани и речиси сите ќе бараат отштета, со ограда на некои од нив дека – ако треба да плати државата, ќе се откажат. Зоре Темелковски, Владимир Пивоваров, Трајче Арсов, Звонко Давидовиќ, Хари Костов, Ѓакуш Кабаши на рочиштето во случајот „Таргет-Тврдина“ зборуваа за штетата што им е направена, при што само Снежана Јовановска-Трајковска, сопственичка на туристичката агенција „Орфеј“, најави дека ќе бара три милиони денари отштета бидејќи откако ја прислушувале ѝ ги откажале сите тендери.

Директорот на Комерцијална банка, Хари Костов, изјави дека прислушувањето можеби не му нанело штета нему лично, но можеби им нанело на фирмите клиенти на банката. Тој објаснуваше дека, на пример, кога бил надвор од земјава, другите директори во банката му се јавувале на телефон за да прашаат дали да дадат гаранција на одредена фирма која сака да учествува на некој тендер. Тоа што некој ги слушал ваквите разговори, можело да им нанесе штета на фирмите.

Тој наведе и конкретен пример со вакво сомнение, па рече оти од некоја градежна компанија имале информација дека конкурентска фирма ги победила на лицитација за нецели 1.000 денари. Костов рече дека ако во случајот „Таргет-Тврдина“ се утврди дека отштета треба да плаќа државата, нема да бара, но ќе побара ако треба да налогодавците и потоа ќе ги донира во добротворни цели.

Снежана Јовановска-Трајковска,  сопственик и основач на агенцијата “Орфеј” изјави дека во периодот од 2008 до 2015 година користела неколку мобилни броеви.

„Знаев дека ме прислушуваат бидејќи ми ги раскинуваа сите тендери. Пресметката беше институционална против мене и брендот ‘Орфеј‚. Барам отштета. Виновни се и телефонските оператори кои дозволиле да бидам прислушувана. Штетата од изгубени мои пресуди, кои секогаш паѓаат кај исти судии, се над милион евра. Барам три милиони штета“, рече Јовановска-Трајковска.

Ѓакуш Кабаши, вработен во канцеларијата на Советот на Европа во Скопје, во својот исказ пред судечкиот совет истакна дека од 2008 до 2015 година работел на повеќе работни места.

„До СЈО имав поднесено барање за увид дал сум бил незаконски прислушкуван. Имав сомнеж дека сум незаконски прислушуван, поради мојата работа и мојот приватен живот. Добив одговор од СЈО дека едниот мој телефонски број бил прислушкуван 1.267 дена. Важно е судот да знае дека во тој период бев во врска со странски дипломат и затоа сум бил прислушуван. Барам отштета во овој предмет“, рече Кабаши.

Адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, рече дека на негово барање, по објавените „бомби” поднел барање за информација дали неговите телефони и од адвокатската канцеларија се следени.

„Ми беше одговорено дека телефонските броеви биле подолго време прислушувани. Уште во 2009 година имав сомневање дека ме прислушуваат и следат. Во 2010 година од обвинителката Лиле Стефанова ми беше кажано дека ме следат и прислушкуваат. Ги видов моите транскрипти во предметот ‘Ликвидација’. Се чувствувам оштетен и штетата ќе ја барам во граѓанска постапка“, нагласи Давидовиќ.

Влатко Стефановски од Скопје, вработен во приватна агенција за обезбедување како менаџер, пред судечкиот совет изјави дека имало снимка каде бил споменат и затоа побарал информација од СЈО дали бил прислушуван.

„Од страна на СЈО ми беше укажано дека мојот телефонски број бил прислушуван. Во граѓанска постапка ќе барам отштета“, рече Стефановски.

Поранешниот шеф на военото разузнавање, професорот Владимир Пивоваров, сега вработен во Владата на Македонија рече дека после јавниот повик од СЈО, до таа институција поднел барање за да дознае дали бил нелегално прослушуван.

„Во СЈО ми беше кажано дека ми бил прислушуван мојот приватен мобилен број. Штета не барам од Буџетот на државата, туку од извршителите на ова кривично дело“, рече Пивоваров.

Тој рече дека има докази дека во 2009 на незаконит начин биле барани ПИ-мерки за него и дека обвинетиот Сашо Мијалков се среќавал со судии и обвинители.

Рече дека го „прилепувале“ кон разни случаи само за да траат ПИ-мерките бесконечно. Благодарение на незаконското прислушување, рече тој, се засновале случаи и обвиненија врз него.

Јовица Ѓуричиќ, сопственик на приватна фирма, рече дека од 2008 до 2015 работел во својата фирма која се занимава со трговија со оружје и воена опрема.

„Во период кога се отвори случајот сакав да дознаам дали и мојот број нелегално бил прислушкуван. Кога бев повикан во СЈО ми беше даден листинг со снимени телефонски разговори. Се чувствувам оштетен бидејќи мојата приватност беше нарушена, а отштета не барам“, рече Гуричиќ.

 

Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, на рочиштето беше донесена со лисици на рацете затоа што издржува казна затвор во „Идризово“ за друг случај

Бизнисменот Бухи Алиу бара отштета од 10 милиони евра, затоа што толку пари претрпела штета неговата фирма „Еуроактива“ поради тоа што бил прислушуван. „Контролата во мојата фирма беше спроведена од тешко вооружени полицајци и се посомневав дека сум прислушуван. Затоа и поднесов барање до СЈО за информација дали мојот телефонски број бил прислушкуван. Мојата штета е голема. Имам членови во семејството кои имаат здравствени проблеми. Лично јас, моето семејство и фирма се оштетени. Фирмата претрпе штета од 10 милиони евра. И оваа сума ја барам како отштета“, рече Алиу.

Екс разузнувачот Слободан Богоевки, кој денеска обвини дека се злоупотребувале ПИ-мерки и врз незаконско следење се правеле случаи против него, беше обвинет во случајот „Агент“ за продажба на државно земјиште во непосредна близина на Спортскиот центар „Борис Трајковски“. Овој судски процес пред првостепениот суд заврши во декември 2013 година, кога тој доби две години затвор. Заедно со уште пет лица, „Агент“ се однесуваше на неколку кривични дела: перење пари, фалсификување исправа, употреба на исправа со невистинита содржина и злоупотреба на службената положба и овластување.Овој случај, рече денеска Богоевски, правосилно е завршен со осудителна пресуда. Штетите што ги претрпел, еден милион евра, тој ги пријави како отштетно побарување во случајот „Таргет-Тврдина“.

Миле Јанакиески, поранешниот министер за транспорт и врски, до судот поднел пријава дека е жртва, па сака обвинителството да го пријави во случајот  „Таргет-тврдина” како сведок кој претрпел штета и нарушена емотивна стабилност.

Според обвинителниот акт, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.

Судењето за „Таргет-Тврдина”, кое започна во декември декември 2017 година се наоѓа во фаза на доказна постапка. Процесот го води сидујката Џанета Бегтовиќ. Обвинението го застапуваат обвинителите Ленче Ристоска и Трајче Пеливанов. (Н.В.)