Сите пратеници на ДУИ ќе гласаат за новата влада
Во неформален разговор за ТВ „Клан“, Ахмети објаснил дека „дебатите за формирање на власта се дел од функционирањето на внатрешната партиска демократија“ и дека нема промени во министерскиот тим на ДУИ. „Овој тим ужива поддршка од целата наша парламентарна група“, рекол Ахмети.
Паралелно,стручните тимови на СДСМ и ДУИ го завршиле усогласувањето на предизборните програми на двете партии со спојување во заедничка програма на Владата на премиерот Зоран Заев, која тој треба да ја достави до Собранието. Мандатарот веќе најави дека предлогот за новата влада ќе го достави до Собранието веднаш по изборот на потпретседателите на парламентот и по верификацијата на мандатите на новите пратеници.
Според Деловникот, расправата за предлогот на мандатарот трае најмногу два дена. Се гласа на крајот од дебатата, односно вториот ден пред полноќ.Доколку седницата почне во сабота, гласањето треба да заврши во недела на полноќ, а новата влада да почне со работа од понеделник, 31-ви август. Инаку, последен рок за доставување на составот на новата влада во Собранието е 2-ри септември. Но, тоа е и датум кога коалицискиот партнер на Заев, Али Ахмети, треба да даде исказ пред Специјалното обвинителство за воени злосторства на Косово, со седиште во Хаг.