Сите погледи се насочени кон ФЕД


Веќе подолго време, финансиските пазари не го чекале со толкаво нетрпение состанокот на Федералните резерви како овој пат.

Клучното прашање е како ФЕД ќе ги процени инфлациските закани и дали ќе продолжи да биде рамнодушен кон зголемувањето на цените.

Се разбира, никој не очекува Федералните резерви на САД да ја прекинат својата политика за нулта камата по дводневната сесија, но поради зголемувањето на инфлацијата (во мај беше 5 отсто во САД, мерено според индексот на потрошувачките цени – најмногу од 2008 година), тој би можел да го навести почетокот на крајот на откупот на обврзниците во блиска иднина. Досега, ФЕД ги објасни растечките инфлациски притисоци со специфичната состојба создадена од отворањето на економиите, нагласувајќи дека инфлацијата е само привремена. Дали ставот на ФЕД може да се промени во последните денови ќе биде јасно во 20 часот по средноевропско време.
Познатиот менаџер на хеџ фондови, Пол Тудор Џонс изјави за Си-Ен-Би-Си дека тоа е најважниот состанок на ФЕД откако Џером Пауел стана гувернер. Ако монетарните власти продолжат да го игнорираат зголемувањето на цените на стоките, тоа ќе биде зелено светло за понатамошна инфлација, вели Џонс, кој предвиде пад на берзата во 1987 година, додавајќи:

„Во тој случај, јас веројатно би купил стока, криптовалути и злато“.

Меѓутоа, ако ФЕД ја „сврти плочата“ и почне да споменува помал обем откуп на обврзници, Џонс очекува нервоза на финансиските пазари и надолна корекција на ризичните инвестиции. Интересен е советот на Џонс:

„Знам дека сакам да поседувам 5 отсто злато, 5 отсто биткоин, 5 отсто пари и 5 отсто стока, но сега не знам што да правам со преостанатите 80 отсто од портфолиото додека не видам што ќе стори ФЕД“ .

Минатата недела биткоинот скокна за 20 проценти и повторно се искачи на 40.000 долари. Повторно, клучната улога ја имаше Елон Маск, кој во неделата твитна дека Тесла повторно ќе започне да прифаќа биткоини од купувачи на електрични возила кога барем половина од биткоините ќе бидат „ископани“ со зелена енергија.

За потсетување, Маск предизвика сериозен пад на биткоинот пред еден месец, кога напиша дека Тесла ја откажува можноста за купување возила на Тесла со биткоини поради загриженост за животната средина.