Сите патници кои летаат за САД мора да се тестираат на Ковид-19


 

Сите патници кои по воздушен пат сакаат да влезат во САД мора и понатаму, без разлика дали се вакцинирани или не, да имаат негативен тест на Ковид-19, објави Белата куќа.

„Постојано ги проценуваме нашите одлуки, но актуелните правила за тестирање за сега остануваат на сила“, рече портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер во средата, пренесе ДПА.

Според одлуката на американската влада, сите кои влегуваат во САД по воздушен пат мора да се тестираат ден претходо. Тоа се однесува и на американските државјани и на странските патници, без оглед на тоа дали се вакцинирани или не. Правилото не се однесува на оние кои скоро прележале Ковид-19, а за тоа имаат медицинска потврда. Исто така, тестирањето не е задолжително за оние кои летаат во внатрешноста на земјата, а немаат ни обврска да носат маски во авионите.

Американските патнички компании повикуваат на укинување на тестирањето

Правилата во меѓунаросниот воздушен превоз ќе се менуваат, беше најавено, единствено во случај здравствените и медицинските стручњаци да проценат дека тоа не е потребно. Патничките компании во САД се противат на одлуката на владата и повикуваат на укинување на задолжителното тестирање за патниците во воздушниот сообраќај кои се потполно вакцинирани.

Авиокомпаниите, аеродромите, хотелските синџири и други претставници на туристичката и патничката индустрија во САД минатиот месец упатија писмо до Белата куќа во кое предупредија дека мерката на ограничување ќе предизвика значителни стопански губитоци. Во писмото истакнаа дека задолжителното тестирање не е на сила кога се работи за патување преку копнените граници, оние со Канада и со Мексико.