Сите партии се за промена, ама за различна


Фото: Б.Грданоски

Власта е подготвена за договор за промена за изборниот модел. Премиерот Зоран Заев вели дека тој и неговата партија се за нов концепт за избор на пратеници со кој ќе се зголемат демократските аспекти на изборното право на граѓаните. Моделот што го заговара владејачката партија е една изборна единица или, пак, повеќе изборни единица со отворени листи.

„Денеска имав состаноци со НДИ, швајцарската амбасада и со други кои даваат одредени сугестии за модели за Изборниот законик. Сметам дека во овој период треба да го отвориме Изборниот законик бидејќи сме доволно далеку од редовните избори и можеме да направиме добар Изборен законик со следење на препораките на ОБСЕ/ОДИХР кои се конкретни и прецизни, но и да воспоставиме нов модел. Наш став како СДСМ е зголемување на демократските аспекти на изборното право на граѓаните“, рече Заев.

Тој уште пред четири години, во екот на рушењето на режимот на Никола Груевски, рече дека изборен модел со една изборна единица ќе отвори можност да влезат помали политички партии во парламентот, кои би влијаеле за демократизацијата законодавната власт, од која зависи и демократизацијата и на извршната власт.

Во ВМРО-ДПМНЕ се разгледуваат повеќе можни решенија за нов изборен модел. Лидерот на партија, Христијан Мицкоски, смета дека опцијата отворени листи е интересно и прифатливо решение, но истото треба прво да се тестира на локални избори, а потоа да се воспостави како начин за избор на пратеници.

„Постојат повеќе опции: можно е да имаме една изборна единица, можно е да имаме три, можно е да имаме шест. Ќе го анализираме сето ова и ќе ја запознаеме јавноста, но секако тоа што ќе го понудиме ќе биде во интерес на јавноста. Ова значи дека можеме да дискутираме и за отворени листи, да има изборен праг. Има повеќе модели за кои можеме да размислиме, мој личен став е дека 120 изборни единици е интересен модел“, изјави неодамна Мицкоски во интервју за Телма.

Темата не е нова, што значи дека за неа е многупати разговарано. Но, за да има таква интервенција во Изборниот законик, јасно е дека е потребен политички консензус, за разлика од некои држави каде што изборниот модел е пропишан во Уставот на државата, за да не може која било политичка елита да посега по промени (Норвешка, Португалија…)

Македонија има искуство со сите изборни системи, и со мнозински, и со пропорционален, и со комбиниран систем, но ниту еден од нив не ја наруши биполарната слика во парламентот. Од 2002 година пратениците во Собранието, како и советниците во општинските совети, се избираат преку пропорционалниот модел при што државата е поделена во шест изборни единици. Ваквиот начин на избор е особено критикуван од малите партии кои сметаат дека со ова се фаворизираат големите политички партии и коалиции. Но повеќето од нив се залагаат и за отворени листи и за намалување на бројот на изборни единици. Анализите на Демократскиот сојуз на Павле Трајанов, да речеме, покажале дека пропорционален модел со отворени листи и една изборна единица ќе донесе реален одраз на определбата на граѓаните, а во носењето на важните одлуки ќе учествуваат повеќе политички субјекти. Но во ДС сметаат дека големите партии не се до крај искрени во заложбите да создадат услови за еднакви изборни шанси за сите, односно губење на нивната монополска улога.

Она во што се согласуваат и повеќето експерти е дека со евентуалното воведување отворени листи ќе се овозможи граѓаните да интервенираат во листите и да се изјаснуваат за кандидатите, а не само за партиите. На тој начин, велат, листата ќе стане подвижна и нема да биде креирана само под диктат на партиското водство.

Поддршка за промена на изборниот модел даде и шефот на државата Стево Пендаровски. „Треба да има помал број изборни единици, без изборен праг или минимален праг на потребни гласови, кои би ѝ служеле на политичката застапеност во Собранието“, рекоа од кабинетот на претседателот. (Н.К.)