Сите очи се вперени во Германија, кој ќе ја наследи Меркел


Во целиот свет, а особено во Европа, се следи она што се случува во Германија. Таму, утрово беа отворени избирачки места, каде што граѓаните го избираат 20. состав на Бундестагот, а во федералните покраини Берлин и Мекленбург-Западна Померанија (Мек- Пом), исто така, се избираат парламенти на покраините.

Околу 60,4 милиони Германци имаат право да гласаат на изборите, што е речиси милион гласачи помалку од пред четири години на претходните парламентарни избори во 2017 година, пренесуваат агенциите.

Околу 2,8 милиони луѓе за првпат гласаат на изборите во Бундестагот.

Германија е поделена на 299 изборни единици, повеќето од нив во најнаселената федерална држава Северна Рајна-Вестфалија (64), а најмалку во федералната држава-град Бремен (2).

Оваа година, поради пандемијата, се очекува рекорден број гласачи да гласаат од далечина.

Како што е наведено, нивниот број постојано се зголемува во последниве години. На изборите во 2017 година, 28,6 проценти од гласачите гласаа на тој начин, и се предвидува дека речиси 40 проценти ќе гласаат на овие избори по пошта.

Дваесетиот сотав на Бундестагот може да биде најголем досега.

Првите проценки врз основа на излезните анкети ќе бидат објавени веднаш по затворањето на гласачките места во 18 часот, а резултатите врз основа на преброените гласови ќе пристигнат во текот на вечерта.

Првите нецелосни официјални резултати се очекуваат околу полноќ.

Инаку, Германија е на врвот на светската ранг -листа по бројот на пратеници во парламентот. Досега имаше 709 во Бундестагот, и тој број може да порасне уште повеќе.

Германија е поделена на 16 покраини, но и 299 изборни единици. Секој гласач во Германија има два гласа.

Со првиот глас, избирачот директно го избира кандидат од неговата изборна единица, а со вториот за некоја од партиските листи. Со првиот глас на граѓаните се одлучува за 299 места, а со вториот за уште 299, што не носи до бројката од 598. Тоа е минималниот број пратеници во Бундестагот.
Првите 299 избрани кандидати влегуваат директно во парламентот. Останатите 299 се одлучуваат врз основа на процентите што ги добиваат партиите преку нивните листи. Второто гласање е исто така важно, бидејќи одредува колку места ќе има секоја партија во парламентот.

При пресметување на конечниот број места во парламентот, доаѓаа до израз спецификите на германскиот систем, во кој има два вида мандати. Тоа се таканаречените компензациски мандати кои се доделуваат во случај една странка да надмине процент, заради рамнотежа.

На последните избори, 2017 година, имаше дури 111 такви, дополнителни мандати. Од минималните 598 места во Бундестагот, на крајот имаше 709 пратеници.

Според некои проценки, по денешните избори, во Бундестагот би можеле да седнат повеќе од 800 пратеници. Токму поради овој постојан раст, веќе подолго време се преговара за промени во изборниот закон. Изборот на канцелар ќе остане ист. Не се избира директно од граѓаните, туку се одлучува во парламентот.