Сите нѐ поддржуваат, Бугарија уште нѐ условува

Бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева порача денеска од Скопје дека Софија ќе се придржува стриктно на рамковната позиција за преговорите со Македонија, што ја усвои тамошниот парламент. Запрашана дали во преговорите, ако Македонија добие датум, бугарската влада ќе опстои на позицијата за македонскиот јазик и историјата, Захариева одговори позитивно.

„Рамковната позиција е одобрена во парламентот од сите политички партии, така што ќе се придржуваме стриктно до неа“, потврди Захариева на прес-конференцијата по состанокот во рамките на Берлинскиот процес, инаку замислен да покаже како земјите од регионот соработуваат заедно.

На нешто што личеше на новинарска провокација министерот Никола Димитров порача дека е нелогично некој херој за Бугарија и за Македонија да имал право на самоопределување, а тој денес како Македонец кој зборува македонски јазик да го  нема тоа право.

„Не гледам како може да биде завршен овој процес (преговорите за Договорот со Бугарија) освен со поголема отвореност од ваша страна за сегашноста и поголема самодоверба од наша страна за минатото“, одговори Димитров на прашањето како ќе докаже дека нашата комисија што преговара со бугарската за историјата не е партиска и натполитичка. Според Димитров, само со мудрост и пријателство може да биде завршен тој процес а не со политичко подбуцнување, заклучувајќи дека како соседи е антиисториски македонскиот народ да не биде близок со бугарскиот. Конкретно, тој посочи дека во комисијата седат историчари и дека принципот во однос на неа е да не им се даваат инструкции од политичари, забележувајќи дека пред избори овие теми стануваат тешки.

Захариева од своја страна тврдеше дека има антибугарска кампања кај некои кандидати на изборите без да прецизира кои, надевајќи се дека тоа ќе остане предизборна реторика. Според неа, иако од наша страна Софија се обвинува за политизирање на комисијата, нашата решила да нема средби до изборите, на што Димитров забележа дека треба да има напредок, а не средби заради средби. Захариева, исто така, потврди дека во рамките на преговорите за новата методологија Софија бара принципот на добрососедски односи како услов да биде многу јасен, правдајќи се дека тоа не е забелешка само на Бугарија. Генерално, таа порача дека неусвојувањето на методологијата до самитот овој месец не треба да биде пречка да се донесе одлуката за преговори со Македонија.  (С.Ј.)

Фото: Б.Грданоски