Сите македонски претставници на Евросонг


Официјално Македонија е дел од Евровизија од 1998 година, кога ова музичко натпреварување се одржа во Бирмингем, Велика Британија. Таа година наш претставник беше Владо Јаневски со песната „Не зори, зоро“ со која го освои 19. место.

2000 година настапи женската група XXL со песната „100 посто те љубам“ со која освоија 15. место. 2002 година настапи Каролина Гочева и освои 19 место со песната „Од нас зависи“.

2004 година наш претставник беше легендарниот Тоше Проевски со песната „Life“ со која освои 14. место. 2005 година настапи Мартин Вучиќ со песната „Make My Day“, го освои 17. место. 2006 година настапи Елена Ристеска со песната „Нинанајна“ со која нè донесе до 12. место, досега најдобриот пласман на нашата држава во Изборот за песна на Евровизија.

2007 година Каролина Гочева повторно ја претставуваше нашата држава. Настапи со песната „Мојот свет“ и го освои 14. место. 2008 година не претставија Тамара, Врчак и Адриан со песната „Let Me Love You“, но не се пласираа во финале.

2009 година учествуваше рок-дуото – браќата Мартин и Стефан Филиповски од групата „Некст тајм“ со песната „Нешто што ќе остане“, кои исто така не се пласираа во финалето. 2010 година настапија Ѓоко Танески, Били Ѕвер и Пејчин со песната „Јас ја имам силата“ – не се пласираа во финале.

2011 година настапи Влатко Илиевски со песната „Русинка“, кој исто така не се пласираше во финалето. 2012 година Калиопи настапи на Евровизија и го освои 13. место со песната „Црно и бело“.

2013 година Есма и Лозано настапија заедно. Ја претставуваа нашата држава со песната „Пред да се раздени“, но не успеаја да обезбедат пласман во финале. 2014 година настапи Тијана со песната „To the Sky“, која исто така не се пласираше во финалето, како и Даниел Кајмаковски во 2015 година, кој ја отпеа „Autumn Leaves“, но и Калиопи која повторно настапуваше на Евровизија во 2016 година со песната „Dona“.

2017 на изборот за песна на Евровизија во Украина нè претставуваше Јана Бурческа со песната „Dance Alone“.  2018 на изборот во Лисабон, Португалија, нè претставуваше „Ај кју“ со песната „Lost and found“, но не успеаја да обезбедат пласман во финале, а бевме прогласени и за најлошо облечени.