Сите луѓе на претседателот

Новиот претседател Стево Пендаровски вчера го објави составот на својот тим. Голем дел од имињата што ги соопшти предизвикаа одредено изненадување во политички кругови, посебно во СДСМ, каде што првично се наметна дилемата за причините за трансферот на Миле Бошњаковски од Владата во резиденцијата на Водно, а сега и за отсуството на позвучни имиња од партиите што застанаа зад Пендаровски.

На вчерашниот брифинг со уредници, Пендаровски потврди дека досегашниот портпарол на Владата ќе биде генерален секретар или шеф на претседателскиот кабинет. Шефица на протокол ќе биде Билјана Мицевска Јосифовска, која своевремено беше во кабинетот на Бранко Црвенковски, кога беше претседател. Одговорна за односи со јавноста ќе биде поранешната новинарка Катерина Цаневска, која се сели од собраниската администрација на Водно, a Билјана Радева од британската амбасада ќе биде прес-офицер.

Советник за национална безбедност ќе биде Блерим Кољари, кој досега беше ангажиран во Канцеларијата на НАТО во Скопје. Александар Спасов од Правниот факултет во Скопје, како надворешен консултант, ќе ја врши функцијата на советник за внатрешна и надворешна политика.

За нов директор на Агенцијата за разузнавање е назначен Ерол Муслиу, кој во последните години работел во Агенцијата, а претходно бил во УБК. Советници во кабинетот ќе бидат и Тоше Зафиров, Љуљета Адеми и Гоце Карајанов, кој за време на претходната влада бил македонски амбасадор во Москва.

Надворешни советници за правни работи ќе бидат професорката Беса Арифи и поранешната судијка во Судот за човекови права во Стразбур, Мирјана Лазаревска-Трајковска, која во 2002 година тогашниот претседател на државата Борис Трајковски ја назначи за претседателка на ДИК. Пендаровски му понудил советничко место и на Блерим Река, кој му беше противкандидат во првиот изборен круг, ама тој не прифатил.

Пендаровски ангажира како надворешни соработници за надворешна политика и двајца поранешни шефови на дипломатијата – Александар Димитров, кој како министер беше кадар на ДА и универзитетскиот професор Денко Малески, кој во стартот на предизборието му беше сериозна конкуренција на новоизбраниот претседател во битката за добивање на претседателската кандидатура. ДУИ посебно го форсираше Малески како консензуален кандидат, за тој сега, сепак, да влезе во претседателската резиденција, ама како надворешен советник на шефот на државата. Во истата област, како независен советник е ангажиран и амбасадорот Александар Тавчиовски, кој едно време беше соработник во претседателскиот кабинет на Трајковски.

Пендаровски не остварил досега средба со актуелниот шеф на дипломатијата Никола Димитров, иако токму со него ќе биде упатен на најтесна соработка во делот на надворешната политика. Таква средба се планира во наредниот период, при што Пендаровски ќе побара од  МНР анализа за работата на сите дипломатско-конзуларни претставништва на земјава во странство и на  амбасадорите. Ова прашање ќе биде посебно битно за понатамошната соработка меѓу носителите на извршната власт во земјава со оглед на тоа што треба да се пополнат над 20 испразнети амбасадорски места.

По средбите што ги оствари со повеќето лидери на парламентарни партии, Пендаровски барал и средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Но, досега не е закажана средба со образложение дека опозицискиот лидер е надвор од земјава.

Пендаровски, велат од неговиот кабинет, ја одблокирал процедурата за агремани за странски амбасадори која била блокирана од неговиот претходник Ѓорге Иванов. Првата посета на Пендаровски во странство, пак, ќе биде во Брисел во јуни, за време на одржувањето Самитот на ЕУ.

Од претседателскиот кабинет велат  дека во времето додека таму бил советник Пендаровски имало 37 вработени, а во периодот кога шеф на државата беше Ѓорге Иванов бројката на вработени е зголемена на 61. Сепак, нема да има отпуштање на вработени, нагласуваат од кабинетот, туку  прераспределувања во други институции.

Пендаровски, преку својот кабинет, вчера им испрати порака на двајцата поранешни претседатели Црвенковски и Иванов, со тоа што соопшти дека по завршувањето на мандатот нема да бара претседателска пензија. Нема да бара ниту средства за отворање на канцеларија, туку просторија во МНР, каде што би одржувал состаноци и средби како поранешен претседател. Тој нема да бара ни пензија, а по мандатот ќе се врати на работното место професор. Инаку, мандатот на Пендаровски истекува кон средината на 1924 година, кога тој ќе има 61 година. (Н.В.)