Сите имаме чувство дека мразот е скршен: Владимир Мартиновски за јазичната конференција во Солун
Ова е револуционерен чекор, за македонистиката да се зборува во Солун, до неодамна изгледаше незамисливо, вели за „Независен“ деканот на Филолошкиот факултет
„Меѓународната академска соработка е светски стандард и по неа, меѓу другото, денес се ценат и се рангираат универзитетите. Научниците се одговорни и упатени да ги надминуваат политичките граници и бариери. Историјата многупати ни покажува, за жал и ден-денес, каде нè водат националистичките политики и потхрануваната омраза, но потребна е храброст да се свртиме кон политиките на отворен дијалог и заемно почитување, вели за „Независен“, деканот на Филолошкиот факултет во Скопје, проф. д-р Владимир Мартиновски за конференцијата за перспективитe на културна соработка меѓу Македонија и Грција на академско ниво со фокус на македонскиот јазик.
На оваа прва од таков тип конференција во организација на Одделот за балкански, словенски и ориентални студии на Универзитетот „Македонија“ во Солун заедно со центарот „Лабораторија: култури, граници, родови“ и во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, зедоа учество македонски и грчки професори. Преполн амфитеатар, многу емоции и солзи, но и доволно можности за афирмација на македонистиката на солунскиот Универзитет.
За иницијативата, за револуционерниот чекор, и за Преспанскиот договор, во продолжение на интервјуто.
На Универзитетот „Македонија“ во Солун се случи прв официјален академски настан за македонскиот јазик и литература, како и за продлабочувањето на научните и академските врски меѓу македонските и грчките филолози. Која страна беше иницијатор?
Иницијативата тлееше подолго време и слободно може да се каже дека е заемна. Таа произлегува од потребата за соработка и проширување на научните хоризонти во филолошките науки и во хуманистиката, а првата средба беше од доменот на македонистиката. Академскиот настан се одвиваше на Универзитетот „Македонија” во Солун, а организатор беше Лабораторијата за култура, граници и родови студии при Катедрата за балкански, словенски и ориентални студии. Клучниот организациски двигател на овој настан е реномираната професорка Александра Јоаниду, која е мошне активна и како книжевна преведувачка од македонски на грчки јазик. На почетокот од минатата учебна година таа ни гостуваше на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ како добитничка на наградата за книжевен превод „Драги“, а поводот беше грчкото издание на книгата раскази „Мојот маж“ од Румена Бужаровска, кое предизвика голем интерес меѓу грчките читатели.
По прекрасниот пригоден говор на проф. Александра Јоаниду, спонтано ни се наметна прашањето за потребата за зајакнување на меѓусебната академска соработка. Причините се многубројни: на Балканот нашите јазици, литератури и култури се проникнуваат на многу рамништа, а потребата од поинтензивна книжевна размена е секако поврзана и со потребата на едуцирање на книжевни преведувачи и проучување на грчкиот јазик кај нас, но и на македонскиот јазик на грчките универзитети.
Каква е досегашната соработка, и кој е револуционерниот чекор кој се направи со оваа научна конференција?
Битно е да напоменеме дека академската соработка не започнува со овој настан. Правени се усилби и претходно, а во 2016 година во Солун гостуваше голема делегација на професори и студенти од неколку единици на УКИМ, кога бевме одлично пречекани на универзитетите „Македонија“ и „Аристотели“. Како соседни земји сме упатени на меѓусебна соработка во многу домени, а науката, уметноста и културата можат да помогнат да се продлабочат добрососедските односи. Убава коинциденција е што минатата недела, во коорганизација на Филозофскиот и Филолошкиот факултет, а со поддршка на Амбасадата на Република Грција, во Амфитеатарот 1 се одржа прекрасно предавање на реномираната лингвистка проф. д-р Ана Анастасијади-Симеониди. Убава и потребна порака е што во иста недела на УКИМ се предаваше на грчки, а во Универзитетот „Македонија” во Солун се случи целодневен академски настан посветен на македонската книжевност и култура. Како што во Скопје предавањето на проф. Анастасијади беше достапно и во превод на македонски, така и сè што се говореше во Солун беше достапно и на македонски и на грчки јазик. Можеби ова денес ни изгледа како нешто револуционерно, но мораме да направиме заемно напори тоа да стане вообичаена академска практика. За науката не постојат табу теми, а сите имаме чувство дека мразот е скршен и бездруго сме упатени да продолжиме во таа насока.
Дали, политиката, според вас, ја закочи оваа соработка, или напротив, ја засили, или пак, воопшто не е вмешана?
Ни се допаѓало тоа или не, нема сфера од животот во која не се вмешува политиката, некогаш директно, почесто посредно. Затоа е важно да созрее политичката свест дека регионалната соработка во овие домени е од заемен интерес. Меѓународната академска соработка е светски стандард и по неа, меѓу другото, денес се ценат и се рангираат универзитетите. Научниците се одговорни и упатени да ги надминуваат политичките граници и бариери. Историјата многупати ни покажува, за жал и ден-денес, каде нè водат националистичките политики и потхрануваната омраза, но потребна е храброст да се свртиме кон политиките на отворен дијалог и заемно почитување. Науката тука може да помогне, доколку се сфати нејзиниот потенцијал. За жал, денес често забораваме дека Европската Унија, меѓу другото, е замислена и како мировен проект и пример дека низ економска, академска и културна соработка можат да се надминат непријателствата и траумите од минатото. Професорката Јоаниду пред одржувањето на конференцијата ни објасни дека кога постоеле обиди да се попречи нејзиното одржување, таа се повикала на Преспанскиот договор. Природно е што околу овој договор има различни мислења и кај нас и во соседна Грција, но очигледно е дека не треба да го потцениме неговото значење како за евроинтегративните процеси така и за развојот на билателарните односи.
Врвот на македонската филолошка и академска сцена нè претставуваше во Солун, вие, како декан на Филолошкиот факултет, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, проф. д-р Румена Бужаровска, д-р Кица Колбе… Како се дојде до овој состав?
Моето учество беше симболично, одржав само кус воведен говор за драгоценоста на книжевниот превод, но чувствував обврска да дадам поддршка на оваа соработка, која има голем потенцијал и уверен сум дека во иднина ќе се вклучат во неа и многу други професори и студенти. Сите учесници дадоа значаен придонес во градењето меѓусебна доверба, која резултираше со исклучително искрена и пријателска атмосфера.
Со какви научни излагања, секој, од вас, настапи на конференцијата?
Би било невозможно да се прераскаже или резимира целата конференција, а се надеваме дека од прилозите наскоро ќе се оформи двојазичен зборник. Конференцијата се состоеше од два дела: првиот посветен на македонската книжевност, а вториот на перспективите за соработка. Во првиот дел за мене беше возбудливо тоа што се проникнаа научните и уметничките перспективи: во текот на денот слушнавме и исцрпни предавања за македонската книжевност и нејзините претставници со кои оваа година се поврзуваат низа јубилеи, реферати за различни аспекти на „егејската тема” во современата македонска книжевност, а и низа книжевно-уметнички прози кои ги артикулираа личните искуства со македонскиот и грчкиот јазик, но и семејните трауми. Во вториот дел од конференцијата, колегите професори од Катедрата за балкански, словенски и ориентални студии ни ги презентираа досегашните искуства од доменот на меѓународната соработка со Република Северна Македонија, а пред нас е потребата таа да се продлабочи и во иднина.
Дали ќе се случи возвратна конференција наскоро во Скопје?
Токму успехот на конференцијата во Солун нè охрабри веднаш да ја закажеме наредната научна средба, веројатно во текот на 2025 година, а сега е ред и ние да се покажеме како добри домаќини.
Грција е првата станица. Дали ќе има сличен обид и со другите соседни земји и нивните интелектуални елити?
Во доменот на филолошките науки, само во овој семестар на Филолошкиот факултет одржавме седум меѓународни конференции, на кои учествуваа голем број научници од светот, а секако и од соседството. Науката е природно упатена на меѓународна соработка. На нашиот факултет се предаваат и се изучуваат дваесетина јазици, а посакуваме не само да расте бројот на јазиците кои ќе се предаваат на нашиот универзитет, ами и бројот на странски универзитети на кои ќе се предава македонскиот јазик, литература и култура.