Сите хитови на Мишо Ковач на 6 компакт диска: Во „Антологија“ и „Калеш бре, Анѓо“ на македонски


Легендарниот Мишо Ковач (1941), кој на музичката сцена е повеќе од 50 години, повторно е актуелен.


Имено, во издание на „Croatia Records“ неодамна беше објавена неговата ретроспективна „Антологија“, на шест компакт-диска. Вкупно 131 песна, одбрана лично од него, меѓу кои и песна на македонски.

Снимката „Калеш бре, Анѓо“, која Мишо на своја иницијатива ја сними во 2014-та, од заборавот ја спаси Зулфи Назифовски.

Мишо отсекогаш многу ја сакал оваа песна, како и целото македонско богато звучно културно наследство.

Назифовски, пак, е музички новинар, колекционер на винили и компакт-дискови, човек кој има голема музичка архива. По потекло е од Македонија, а живее во Словенија.

Мишо отсекогаш бил музички феномен на нашиот регион, а бројни компилации објавени во негова чест сведочат за неверојатно успешна кариера. Некои одбележаа одреден период на активност, некои беа избор на најголеми хитови, но, ова е нешто посебно.

Мишо Ковач, рани години

Ова е најобемната колекција на песни на Мишо, која датира од самиот почеток на неговата активност до најновиот период.

Шестократно издание на компакт-диск содржи исклучително богата придружна содржина, книгичка од 52 страници, во која се содржани ретки фотографии.

“Ako me ostaviš”, “Ostala si uvijek ista”, “Malo mi je jedan život s tobom”, “Proplakat će zora” се само некои. Заедно со “Svi pjevaju, ja ne čujem”, “Nikoga nisam volio tako”, па првиот сингл „Ne mogu prestat da te volim“. Станува збор за преработка на хитот на Реј Чарлс „I Can’t Stop Loving You“.

Опфатен е поголем дел од неговата кариера. Како од најпопуларните, така и од оние помалку популарни, но не помалку ценети албуми. Затоа, оваа компилација е најсеопфатна досега.

Мишо Ковач со композиторот Ѓорѓе Новковиќ

“Беше многу тешко да се изберат најубавите песни на Мишо за Антологијата. Можеби затоа Антологијата на Мишо е објавена дури сега. Беше тешко една таква кариера да се најде на ограничен број компакт-дискови. Затоа оваа Антологија не е стандардно издание со најголеми хитови.

Оваа антологија е изборот на Мишо составен од неговите најомилени песни. Еден вид подарок за неговата публика што го следи и обожава толку верно. Заслужено, затоа што во ниту еден момент од кариерата Мишо не престана да ги почитува своите фанови“.

Ова во книгичката на изданието го напиша Николина Мазалин, креативна директорка во „Croatia Records“.

Во долгата кариера Мишо минуваше низ многу, нималку едноставни, животни предизвици. Но, тој секогаш знаеше како да ги надмине, и доследно и храбро. Тој имаше нешто во себе што никој друг на сцената не го поседуваше.

„Единствен жив крал на музичката сцена“ – како што некогаш го нарече композиторот Ѓорѓе Новковиќ.

Награда за продадени 20 милиони носачи на звук, лани, на Сплитскиот фестивал

Лани, Хрватска дискографска задруга Мишо го закини со големо признание. Специјална награда Multi-platinum award, како најтиражен пејач во историја на хрватска музика воопшто.

Во својата кариера која трае повеќе од половина век, Мишо има продадено повеќе од 20 милиони носачи на звук.

Сериозна кариера започнал да ја негува уште во раните 60-ти години на минатиот век.

Во 1969-та имаше тираж од продадени 250.000 примероци за пет плочи, и веќе тогаш застана на тронот на Југотон.

Две години подоцна со песната “Proplakat će zora” победува на Сплитски фестивал. Тој сингл достигнува тираж од повеќе од 500.000 продадени копии, и останува најпродаван во целата негова кариера.

Останато е легенда, испишана со златни букви.