Сите го чекаат извештајот на Европската комисија за датумот


Откако вчера еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи на седницата на Советот за општи работи (ГАК) им ја презентираше на министрите за европски работи новата методологија за проширување на ЕУ, речиси сите процедурални работи во Брисел се завршени и сега се чека на извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија и Албанија. Од тој извештај, што треба да биде објавен на почетокот на идната недела, ќе се знае со каква длабочина во расправата европските лидери ќе се навратат на проширување на самитот на 26 март.

„Сега се очекува Комисијата да ги претстави ажурираните информации за реформскиот процес во Албанија и Северна Македонија. Намерата на претседателството е да го трасира патот, врз основа на тие ажурирања и ревидираната методологија, за информирана и сеопфатна дискусија со цел да се добие позитивна одлука за тие две земји“, рече Андреја Метелко-Згомбиќ, државен секретар за европски прашања на Хрватска, земја која претседава со Советот.

Во соопштението на француското министерство за надворешни работи околу учеството на државната министерка Амели де Моншалан на седницата на ГАК, се навцедуваат слични постулати.

„Комисијата ги претстави своите предлози за реформа на процесот на пристапување во ЕУ, а тоа се чекори кон промена на парадигмата по барањата на Франција и други земји-членки: повеќе стимулации и конкретни придобивки, подобро управување и механизам за реверзибилност за да се обезбеди процесот кредибилитет. Државната министерка го повика Советот да донесе брз договор за оваа реформа. Одлуките ќе бидат донесени врз основа на извештаите на Комисијата за Северна Македонија и Албанија“, пишува во соопштението на француското министерство . (Н.В.)