Сите функционери на СДСМ ќе донираат од платите


Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, ја нарече срамна одлуката на  Уставниот суд за платите и соопшти дека сите избрани и именувани функционери на СДСМ разликата во платата  над 14.500 денари ќе ја донираат во државниот фонд за помагање на граѓаните и борбата против коронавирусот.

-Во духот на солидарноста министри, пратеници, заменици-министри, државни секретари, директори на претпријатија и останати функционери на СДСМ ќе земаат минимална плата од 14.500 денари, без оглед на одлуката на Уставниот суд.Разбираме низ што поминуваат граѓаните и заеднички, со меѓусебно помагање ќе се избориме со сите предизвици.Справувањето со економските последици предизвикани од коронавирусот бараат посветеност, одговорност и пред се солидарност од сите нас, порача Николовски.

Уставниот суд веќе два дена е линчуван од јавноста поради оваа одлука што беше сфатена како себична и несолидарна со вкупната ситуација. Здружението на судиите вчера, како реакција на осудите, упати препорака до судиите доброволно да донираат по 20 отсто од платите, кои инаку се движат до 1.200 евра, во фондот за борба против корона вирусот.