Сите форми на рецесијата од Ковид-19


Оваа криза е како никоја друга, па бара и таков одговор - како што до сега немало

Каков облик ќе има рецесијата од Ковид-19 и очекуваното закрепнување на економиите: во форма на латиничните букви „З“, „В“, „Л“ или како логото на „најк“?

„Големото ставање под клуч“ тешко ја погоди глобалната економија. Затворањето на бизнисите ја зголеми невработеноста, ги фрагментира синџирите на снабдување и придонесе за пад на пазарите. Еден официјален претставник на ММФ изјави дека „Големото ставање под клуч“ би можело да доведе до најлошиот економски пад по Големата депресија.

Закрепнувањето најверојатно ќе биде бавно и експертите разгледаа повеќе модели како би можело да изгледа обновувањето на економијата. Претходно оваа пролет, некои аналитичари се надеваа на закрепнување во облик на латиничната буква „V“, односно дека обновата на економијата би била брза. Сега, некои го враќаат „најк свуш“, според знакот од логото на производителот на спортска опрема „Најк“, што подразбира поспоро и подолготрајно закрепнување на економијата.

Институтот „Брукингс“ неодамна презентира неколку модели што ги разгледуваат аналитичарите и економистите. Светскиот економски форум ги комбинираше нивните анализи со други извори, вклучително и некои посочени од списанието за инвестиции „Баронс“, „Би-Би-Си“ и други за да обезбеди целосен опсег за она што може да се случи во наредниот период.

Закрепнување во облик на латинично „З“

„Брукингс“ забележува дека ова е најоптимистичкиот временски рок. Според ваквиот исход, објаснуваат неговите експерти, јавноста се раздвижува откако ќе се намалат ограничувањата, трошејќи ги сите пари кои биле сочувани за време на карантинот. Со ова сценарио, малопродажбата, угостителството и патувањето може да забележат краток бум бидејќи луѓето го прославуваат крајот на ограничувањата, пред БДП да се врати во својата пред-пандемиска траекторија. Бизнисите ги враќаат парите што би ги спечалиле за време на заклучувањето. Дури и многуте оптимистички набудувачи велат дека ваквиот исход не е веројатен.

Закрепнување во облик на латинично „В“

Враќањето во облик на „V“ означува длабок и остар пад на економската активност, проследена со подеднакво брзо враќање на нормалноста. Ова сценарио се смета за едно од најдобрите, јавува „Би-Би-Си“, бидејќи претпоставува дека падот може да трае неколку квартали.

Закрепнување во форма на латинично „У“

Овој модел покажува остар и длабок пад, проследен со долго враќање на пред-ковид траекторијата, што може да потрае најмалку неколку тримесечја. Кај ова закрепнување, можеби нема да видиме вакцина за Ковид-19 до 2021 година, според „Баронс“, кога и потрошувачката би се доближила до нормалната.

Закрепнување во облик на знакот на „најк“

Закрепнувањето „најк свуш“, според иконското лого на познатиот спортски бренд „Најк“, означува драматичен напредок откако ќе заврши ставањето под клуч на економијата и раст што набрзо ќе забави. Во ова сценарио, забележува „Брукингс“, „потребно е многу време економијата да се врати на пред-пандемиската траекторија“.

Рецесија во форма на латинично „двојно В“

Ова закрепнување е познато и како „двојна рецесија“, објаснува „Би-Би-Си“. Кривата во форма на латиничното „двојно В“, односно „W“ останува можност ако наоѓањето третман или вакцина се покаже како потешко од очекуваното, додава „Баронс“. Во овој модел, новите бранови на инфекции носат дополнително ставање под клуч и економска неизвесност.

И покрај предупредувачките наслови, двојните рецесии се ретки, при што во современата американска историја се случиле само две: 1937-38 и 1981-87, кои биле резултат на промените во фискалната политика.

Закрепнување во облик на латинично „Л“

Во ова сценарио, забележува „Брукингс“, пандемијата постојано влијае на БДП. Загубените инвестиции, поврзано со забавување на продуктивноста, предизвикува „траекторијата на БДП да биде пониска отколку што би била поинаку“.

Современите примери ја вклучуваат рецесијата во 2008 година – од која западните економии сè уште не закрепнале, со реален БДП сеуште под проекциите пред рецесијата – и „изгубената декада“ на Јапонија во 1990-тите, каде што земјата се уште се враќа кон растот што го имаше пред таа криза, пишува „Би-Би-Си“.

Гледајќи напред

Многу аналитичари, креатори на политики и директори сметаат дека само вакцина или брз развој на третман за Ковид-19 ќе ги натераат да се вратат кон пред-пандемиските проекции. Сè додека вирусот останува опасен, растот ќе биде потиснат.

Во меѓувреме, лидерите и експертите од целиот свет прават што можат за да го намалат глобалното економско влијание на кризата. Како што изјави минатиот месец директорката на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева, оваа криза е како никоја друга, па бара и таков одговор – како што до сега немало.