Сите делчевски училишта бараат настава со физичко присуство


Настава со физичко присуство на ученици, но и онлајн настава бараат сите делчевски училишта. Ова денеска го истакнаа директорите на трите образовни институции на состанокот одржан со делчевскиот градоначалник Горан Трајковски на кој надлежните информираа дека училиштатата се подготвени за почеток на учебната година врз основа на Планот за одржување на наставата во основните и средните училишта во учебната 2020-21.

– Согласно тој план и и протоколот за постапување во основните и средните училишта за реализација на воспитно-образовниот процес со физичко присуство, делчевските училишта се подготвени да обезбедат безбеден воспитно-образовен процес во училиштата. Согласно со направените анализи, во гимназијата „М.М.Брицо“ има услови за да се реализира настава со физичко присуство, како и во деветолетката „Св.Климент Охридски“, заедно со подрачните училишта. Во деветолетката „Ванчо Прке“ се предвидува он-лајн настава, а во подрачните училишта на ова училиште има услови за настава со физичко присуство, информираа од општината. Во моментов, како што додадоа, во сите три образовни институции во Делчево се вршат финални подготовки и се обезбедуваат услови и за евентуална онлајн настава.

– Барањата од училиштата за организирање настава со физичко присуство за учебната 2020/21 година се испратени до Министерство за образование, а на утрешната седница на Советот, советниците треба да ја донесат одлуката за организирање настава со физичко присуство која ќе се испрати до соодветната Комисија во МОН, додадоа надлежните. Она што досега е сигурно дека Основните училишта во Делчево се подготвени за организирање настава со физичко присуство на ученици од прво до трето одделение.