Сите бараат одговорност кај друг за пандемијата


Претседателот на САД, Доналд Трамп тврди дека Кина можела да го запре новиот коронавирус пред да се прошири во светот и оти американската администрација спроведува „сериозна истрага“ за тоа.

– Спроведуваме многу сериозна истрага… Не сме среќни со (постапувањето на) Кина, истакна Трамп на прес-конференција во Белата куќа.

Тој додаде дека вирусот можел да биде запрен на местото каде што настанал.

– Можеше брзо да биде запрен и не би се проширил низ целиот свет, наведе Трамп.

Од друга страна, генералниот директор на Светска здравствена организација Тедрос Адханом Гебреисус изјави дека СЗО предупредила на новиот коронавирус уште кон крајот на јануари, но оти нема мандат да ги принуди земјите да ги спроведуваат нејзините препораки.

– Светот требаше внимателно да ја слуша СЗО, бидејќи светската криза почна на 30 јануари, кога надвор од Кина беа заразени 82 лица, а немаше починати, посочи Гебреисус.

Тој додаде дека СЗО на целиот свет и препорачала да се примени глобалниот пристап за јавното здравје.

– Кажавме дека треба да се идентификуваат заболените, да се тестираат, да се изолираат и да се открие со кого биле во контакт. Земјите што ги послушаа таквите препораки се во подобра ситуација. Тоа е факт што покажува колку е важно да се слушаат препораките на СЗО, наведе Гебреисус.

Тој додаде дека СЗО ќе продолжи да дава препораки засновани врз науката и доказите.

– На секоја земја останува дали ќе ги применува, истакна генералниот директор на СЗО.

Трамп го обвини и СЗО дека не предупредило соодветно за кризата и ги прикривало информациите за размерите на болета во Кина, поради што ги укина фондовите за оваа организација.