Сите 50 сојузни држави на САД се во готовност поради можни протести


 Сите 50 сојузни држави во САД и областа Колумбија викендов се во состојба на готовност поради можни насилни протести на противниците на инаугурацијата на новоизбраниот претседател Џозеф Бајден, што ќе се одржи в среда

Припадници на Националната гарда од сите делови на земјата веќе се испратени во Вашингтон да обесхрабрат какво било можно повторување на насилството од 6 јануари, кога пет лица беа убиени откако приврзаниците на претседателот во заминување Доналд Трамп влегоа во Конгресот.

Федералното биро за истраги (ФБИ) предупреди дека во главните градови на сите 50 држави може да има маршеви на вооружени приврзаници на Трамп, пренесе Би-Би-Си.

За движење е затворена Национална алеја во областа Колумбија.

Барикади се кренати должи сите улици во американската престолнина Вашингтон и насекаде има зголемени безбедносни мерки и контроли. Зградата на Конгресот на САД е обезбедена со метални огради.

Покрај Националната гарда, на улиците на Вашингтон е засилено и присуството на полицијата, додека во поширокиот центар на градот најавено е дека ќе бидат затворени најмалку 12 метро станици.

Тимот на Бајден веќе ги повика Американците да избегнуваат патувања во главниот град поради пандемија од Ковид-19.

Се очекува, особено утре, да има протести, бидејќи приврзаниците на Трамп и десничарите преку социјалните мрежи повикаа на протести на 17 јануари и марш во Вашингтон на денот на инаугурацијата.

Пред можните протести гувернерите на Мериленд, Ново Мексико и Јута прогласија вонредна состојба во нивните држави.

Калифорнија, Пенсилванија, Мичиген, Вирџинија, Васингтон и Висконсин ја активираа својата Национална гарда, а Тексас ќе го затвори Конгресот од денес до 20 јануари.