Сите 11 основни училишта во Гази Баба се подготвени за настава


Основните училишта во општина Гази Баба се целосно подготвени за безбеден почеток на новата учебна година, со комбинирана настава во сите училишта, соопшти Општината.

Секое основно училиште подготви посебен протокол за работа, план за движење и дезинфицирање на објектот, по кој секој треба да се придржува.

– Како општина ги презедовме сите мерки кои се во наша надлежност за намалување на ризикот од Ковид-19. Мислевме на секој детаљ и за двата модела на учење, се со цел децата да бидат сигурни во образовните институции, велат од Општината.

Во делот на онлајн наставата, Општината обезбедува таблети за сите деца од ранливата категорија за да можат без проблем да ја следат наставата.

– За оваа намена, општината веќе ја започна постапката за набавка на 350 таблети, односно 250 таблети со средства на општината, а дополнителни 100 таблети со прераспределба на дотациите од министерството за образование кои како заштеди поради неработењата на училиштата се јавуваат во буџетот. Оваа наша акција веќе ја поддржуваат и голем број на општествено одговорни компании, се вели во соопштението.

Училиштата, наведуваат од Општината, се подготвени и од градежен аспект. Летото била извршена целосна подготовка на внатрешноста на објектите на сите 11 основни училишта, а во училиштето „Крум Тошев” во Трубарево се работело на обновување и поставување на енергетски – ефикасна фасада.

– Безбедноста на нашите деца зависи од одговорното однесување на сите чинители, не само општина, туку и родителите, наставниците и директорите. Секој од нас мора да внимава прво на себе и на блиските околу себе. Само така сите заедно ќе придонесеме во целта да имаме безбеден тек на наставата, додаваат од Општината.