„Систина“, „Брако“, Кромберт и Шуберт“… кои фирми добија државна помош за исплата на плати од 14.500 денари


„Кромберт и Шуберт од Битола со 1,19 милиони евра и „Гентерм“ од Прилеп со 422 илјади евра, добиле најмногу пари од државата како помош за исплата на плати, јави вечерва „Телма“ која дојде до списокот на фирми на кои им биле префрлени по 14.500 денари за вработените, поради негативните ефекти од корона кризата.

На списокот, како што јави „Телма“, се и компании на доскорешни владини функционери, приватни болници, обложувалници, казина, странски инвеститори, приватни училишта и универзитети, медиуми, винарски визби, текстилни фабрики, дури и религиски заедници.

Така, околу 106.000 евра добил велешки „Брако“, компанија на поранешниот вицепремир Кочо Анѓушев, на листата е и Аџибадем Систина на бизнисменот Орце Камчев која добила 142.000 евра.

Меѓу компаниите кои земале по над 100.000 евра се многу обложувалници и казина – Спорт лајф е во првите пет компании со 183.000 евра, Делта Бетнад 132.000 евра, Сенатор 131.000 евра, Принцес хотел и казино од Гевгелија речиси 120.000 евра…

Пари добила дури и компанијата Дурмо турс за која се води судски процес за несреќата кај Ласкарци, а на листата е и Исламската заедница – Муфтивство Прилеп со над 32.000 евра, објави „Телма“.

До сега е одобрена финансиска помош од над 28 милиони евра за 21.542 компании, односно за околу 126.000 вработени.