Системот на дело: Едно врапче без крилја да избега нема да го фатите


„Во оваа држава едно врапче без крилја да избега нема да може да го фатите“. Оваа лута реакција на мајката на еден од петтемина убиени кај Смилковското Езеро пред седум години, по вчерашното одложување на рочиштето за „Монструм“, со една реченица, го опиша нефункционирањето на системот што ги одолговлекува судењата.
На вчерашното рочиште беа повикани Драги Ивановски и Диме Весков, сведоци кои давале исказ на претходното судење. Судот испратил покани, но полицијата не го известила судот дека не можат да ги спроведат и зошто не ги донеле сведоците во суд. Вториот судија од судечкиот совет Осман Шабани веднаш го зеде телефонот в раце и почна да се јавува во полициската станица во Бутел и во полициската станица во Гази Баба од каде што требало да ги спроведат сведоците.

По неколку минути, од Бутел му се јавија и го известија дека Ивановски не ја примил поканата и дека од соседите дознале дека тој бил иселен, а неговата куќа се распаѓала. Сепак, адресата формално не му била сменета и поканата стигнала на адресата каде што не живее. Од полициската станица Гази Баба не стигна известување, па во судницата се нагаѓаше каде е сведокот Весков. Обвинителите се сомневаа дека е некаде во затвор, а адвокатот на дел од обвинетите, Насер Рауфи, им реплицираше: „Не верувам дека е во затвор, да беше во затвор ќе ми се јавеше да го бранам“.

Во исто време, додека се бараа сведоците на „Монструм“, во друга судница, еден кат погоре, се одложи и рочиштето за „Маѓар телеком“. И клучниот сведок во овој случај, Слободан Богоески, кој требаше да сведочи не добил покана и не дојде на судењето. Градските власти го смениле бројот на зградата, а поканата му била пратена на друга адреса, според личната карта.

Адвокатот на еден од обвинетите побара една од судиите поротници да биде изземена од судечкиот совет бидејќи гласно се смеела на едно од претходните рочишта додека тој имал излагање. Кога ја прашале зошто се смее, таа рекла дека се смеела за нешто што ѝ текнало во моментот, а не било поврзано со судењето. Сега за неа ќе одлучува претседателот на Кривичниот суд, а во меѓувреме ќе се бара Богоески, кој често одел во Бугарија.

И додека случаите на Специјалното јавно обвинителство на почеток се закажуваа секојдневно и се одржуваа, сега, како во „Монструм“,сведоците не можат да се обезбедат. „Како можеше судијката Кацарска за неколку месеци да осуди толку обвинети за 27 април, а овде не можат ни сведоци да се повикаат“, ги праша судиите таткото на убиениот Александар Наќевски, Горан Наќевски.

Пред судот станаа сите родители на убиените момчиња и роднините на рибарот и побараа судот да не си игра со нивниот случај кој се влече седум години и нема ниту еден осуден. Освен на институциите, Наќевски е гневен и на премиерот Зоран Заев, кој им ветувал дека со новите „бомби“ ќе се дознае вистината за „Монструм“ и дека ќе ги открие функционерите кои стојат зад овој случај. „Додека не ги откриете функционерите на ДУИ, овој случај ќе се одолговлекува. ДУИ диктира и во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ и во коалиција со СДСМ. Нè направивте неморални личности, а неморални се судот и политиката“, рече Наќевски.

Тој бара да се декласифицира класерот со имињата на петтемина функционери на ДУИ за кои тврди дека се вмешани во случајот. Според Наќевски, вмешани биле Беким Незири, Сафет Незири, Невзат Бејта, Бујар Османи и Изет Меџити. Судијата Огенен Ставрев им ветува дека ќе се направи сè што во негова моќ да се расветли случајот и ги уверува дека немал сопки од никого. Родителите очекуваат како сведок во судскиот процес да биде донесен и премиерот Зоран Заев. Овие двајца сведоци што се предложени од одбраната се меѓу последните и наскоро Специјалното јавно обвинителство треба конечно да ги достави „бомбите“. Прислушуваните материјали првин ќе бидат доставени до судот, а потоа во нив ќе има увид и одбраната.

Обвинителката од СЈО која го води случајот „Монструм“, Фатиме Фетаи, во телевизиско гостување откри дека за овој случај има илјадници снимки, пораки, транскрипти што ќе бидат предложени како докази, но рече дека тие нема суштински да влијаат.
„Има илјадници снимки, пораки, транскрипти што секако ќе бидат предложени како докази. Сметам дека голем дел од тие снимки и пораки нема суштински да влијаат, сепак дури и она што јас лично сметам дека не е премногу битно, ќе го предложам како доказ за да нема сомнежи дека нешто криеме. Можам да гарантирам дека ќе има соодветна правна квалификација за секое лице што е инволвирано во тој настан. Сепак, не се работи за едноставен предмет, апелирам до сите што сакаат со јавноста да споделат информации и да добијат публицитет, да не си играат со чувствата на семејствата на жртвите, туку нека дојдат во обвинителството или во судот. А собирање лајкови на оваа тема е нечовечно“, рече Фетаи во гостувањето на 1ТВ.

Родителите бараат рочиштата да се закажуваат почесто и да бидат ефективни и според нивните неформални разговори, тие очекуваат „бомбите“ конечно да го затворат овој случај.

За петкратното убиство во овој случај, кој беше наречен „Мострум“, доживотна казна затвор им беше изречена на Алил Демири, Африм Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута. Единствено петтообвинетиот Сејди Рами доби ослободителна пресуда поради немање цврсти докази за утврдување вина.

Врховниот суд ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. За судот сè уште недостапни се Алил Демири и Африм Исмаиловиќ по кои се распишани меѓународни потерници. Судењето кое еднаш заврши со доживотни казни за обвинетите се отвори одново пред нови судии и со обвинители од СЈО.

На 12 април 2012 година на Смилковското Езеро свирепо беа убиени четворицата матуранти Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацевски, Кире Тричковски и рибарот Борче Стевковски. Мотивот за убиството уште не е разјаснет.

Фросина Факова – Серафиновиќ