Системот ќе функционира кога ќе се апсат судии

Ниту еден судија или обвинител не се препознава во сè почестите изјави на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој во телевизиска емисија пак „распали“ по судиите и обвинителите оти не извлекле поука од бегството на поранешниот премиер Никола Груевски. Според Спасовски, системот не функционера поради што бизнисменот Орце Камчев и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, слободно си се шетаат. „Системот ќе се консолидира кога ќе почнат да се апсат судии и обвинители како што се апсат функционери“, порача Спасовски.

Иако сите најголеми судски процеси и случаите на Специјалното јавно обвинителство се водат во Кривичниот суд, претседателот Иван Џолев во изјавите на министерот не се препознава самиот, ниту пак ги препознава судиите од Судот каде што е претседател.

„Лично сметам дека кога министерот ги прозива обвинителите и судиите во врска со неопределувањето мерки, не посочува со прст кон судиите од Кривичен. Овој суд е апсолутно независен, се имаме оградено од сите можни влијанија. Одлуките кои се носат се избалансирани и правични“, рече Џолев на брифингот со новинарите.Тој излезе со статистика од изминатите две години која покажува дека Судот прифатил најголем дел од барањата од СЈО и ОЈО за утврдување мерка притвор, кои подоцна биле преиначени или укинати од повисоките инстанци или на барање од обвинителствата.

По жестоките критики, министерот Спасовски седна со првите луѓе на правосудството во Јавното обвинителство, каде што тие од своите италијански колеги учеа како да се справат со мафијата. Републичкиот обвинител, Љубомир Јовески не реагираше на критиките на Спасовски, искоментира само дека кога не се задоволни од некоја судска одлука ја искористуваат нивната единствена опција и поднесуваат жалба. Обвинителката за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска ја спомена постапката што ја отвориле за управниот судија, но вели дека нови постапки против судии нема.

Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева која денеска го слушна извештајот на ОБСЕ пред јавноста не сакаше да каже ништо за предметот „Империја“, во којшто е осомничен бизнисменот, Орце Камчев. Ги упати новинарите да побараат писмен одговор. Не сакаше да ги коментира информациите дека предметот е заглавен и дека се враќале сведоци од обвинителството. Од предметите кои ги водат единствено беше расположена да зборува за масовното прислушување, односно процесот „Тврдина – Таргет“ во кој е обвинет, Мијалков. Ги демантираше неговите тврдења дека тој бил таргет на прислушувањето.

„Обвинетиот Сашо Мијалков не бил таргет во прислушувањето, но биле други блиски до него фамилијарно. Околу тоа кој прислушувал има докази дека прислушувањето се случувало додека тој бил директор на УБК и по негова наредба. Има докази за тоа во предметот на СЈО и апелирам до јавноста будно да го следи овој предмет“, рече Јанева.

Мисијата на ОБСЕ го презентираше извештајот за работата на СЈО, а по презентацијата се судрија Јанева и дел од бранителите на обвинетите во случаите на СЈО. Адвокатите се пожалија дека поранешните функционери кои се нивни клиенти се три до четири пати неделно во суд и дека немаат доволно време да се подготват за одбрана.Но, Јанева ги искара и им одговори, дека оваа прес-конференција не е место за нивните поплаки.
„Не сме тука да ги жалиме обвинетите. Како што е ред, тие треба да бидат присутни во судница, па и секој ден доколку е потребно, бидејќи се обвинети. Точно е дека прислушуваните разговори не се дадени, но тоа е од причина да се заштити приватноста“, вели Јанева.
Забелешките,пак, на ОБСЕ се околу времетраењето на постапките, управувањето со судските процеси, одложувањата на рочиштата поради отсуства на обвинетите и законските рокови кои се ризик за бегство на обвинетите.Според статистиката на судот, предметите на СЈО се одложуваат најчесто поради отсуство на некој од обвинетите или адвокатите кои не се присутни поради друго судење.Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје Клеменс Која ги повика политичките партии да се договорат за нацрт-закон за СЈО со цел продолжување на тековните предмети на СЈО. (Ф.Ф.С.)