СИРИЗА ја напуштија 45 членови меѓу кои двајца пратеници


Група членови на СИРИЗА, предводени од двајца актуелни пратеници ја напуштија СИРИЗА, поради несогласувањата со новиот претседател на партијата Стефанос Каселакис, кој од своја страна ги повика да ги вратат пратничките места и говореше за почеток на единство во партијата, јави дописничката на МИА од Атина.

Во текот на викендот Централниот комитет на СИРИЗА одржа состанок што помина во клима на несогласувања и високи тонови.

Група од 45 членови под името „Чадор“, предводена од поранешниот министер и пратеник Евклидис Цакалотос, соопшти дека ја напушта партијата, велејќи дека со новото раководство идеите на обновената и радикална левица не се вклопуваат во сегашната СИРИЗА.

Меѓу оние кои ја напуштија партијата, двајца се пратеници и стануваат независни, а СИРИЗА, во Парламентот ќе остане со 45 од 47 пратенички места, колку што освои на последните избори во јуни годинава.

Лидерот на партијата Стефанос Каселакис ги повика да ги вратат пратеничките места, а истото да го стори и европратеникот Кулоглу, кој исто така ја напушти СИРИЗА и стана независен.

Каселакис на крајот од состанокот воедно порача дека „започнува единството во СИРИЗА“ и нов ден за партијата.

-Ве повикувам сите да ги преземете вашите одговорности пред историјата на оваа историска партија, порача Каселакис.