Сириските мигранти во Турција се упатија кон Европа


По ескалацијата на насилството во сириската провинција Идлиб неименуван турски претставник изјави дека Турција нема повеќе да ги задржува бегалците од Сирија кои сакаат да побараат азил во земјите-членки на Европска Унија.

„Нема повеќе да ја држиме вратата затворена за бегалците кои сакаат да влезат во Европа“, изјави неименуваниот турски претставник.

Тој додаде дека турската полиција, крајбрежната стража и граничарите добиле наредба да ги пуштаат мигрантите да тргнат кон Европа.

По таквата одлука се огласија Европска комисија и УНХЦР кои тврдат дека не се известени дека Турција ја сменила политиката кон мигрантите.

ЕК истакна дека очекува Анкара да ги почитува обврските што ги презема за контрола на протокот на мигранти во Европска Унија, истакнувајќи оти Турција се обврза да стави крај на мигрантските бранови  кон ЕУ и да обезбеди подобри услови за прием за бегалците.

„Би сакал да истакнам дека немаше официјално соопштение од турската страна за какви било промени за барателите на азил, бегалците и мигрантската политика“, истакна портпаролот на ЕУ.

Тој додаде дека тоа значи дека се уште е во сила договорот помеѓу Турција и ЕУ за мигрантите.

Но, според турските медиуми стотици мигранти од северозападната турска покраина Едрене се на пат кон границата со Грција и Бугарија. Поради тоа се заострени безбедносните мерки на бугарската и на грчката граница.

„Имаме информации за формирање на големи групи … Ние воспоставуваме максимална контрола на границите“, изјави Борисов.

Додека Грција претпладнево го затвори граничниот премин „Кастањес” со Турција кај Еврос. Затворена е царинската служба и не се пропуштаат граѓани, а грчката страна уште од рано утрово е под силно полициско обезбедување.

Претседателите на Русија и на Турција, Владимир Путин и Реџеп Тајип Ердоган за време на денешниот телефонски разговор се договорија дека е потребно да се воведат нови мерки за да се намалат тензиите и да се нормализира ситуацијата во северозападна Сирија, соопшти Кремљ.

Телефонскиот разговор помеѓу  Путин и Ердоган уследи откако 33 турски војници загинаа, а 32 се повредени при напад на сириските сили во Идлиб. На нападот возврати турската армија и бомбардираше позиции на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад во Идлиб.

Турција испрати и илјадници војници и тешко оружје до Идлиб во северозападниот дел на Сирија за поддршка на бунтовниците кои сакаат да ја спречат офанзивата на сириската Влада и руските сили со цел враќање на територијата.

Во меѓувреме Русија објави дека испраќаат два воени брода вооружени со крстосувачки ракети во близина на сирискиот брег.

Во сириската провинција Идлиб, која е опколена од сите страни освен од турската, се наоѓаат повеќе од три милиони луѓе. Бројот на луѓе во Идлиб е речиси двојно зголемен во споредба со населението пред војната, бидејќи голем број Сиријци бегајќи од кризните подрачја засолниште најдоа во северозападната покраина.

При ескалација на ситуацијата можно е голем број од нив да се упатат кон турската граница. Во Турција од почеток на војната во Сирија сместени се приближно четири милиони мигранти. Ако Турција ги отвори границите тогаш Европа ќе се соочи со поголема бегалска криза од таа во 2015 година.